Alma Arnautovic
07 Јануари 2016•Ажурирај: 08 Јануари 2016
ЈАЊА (АА) - Непознато лице, пукајќи од огнено оружје, ја оштетило џамијата Атик во Јања покрај Бијелина во Република Српска, јавува Anadolu Agency (AA).
Омер ефендија Цамиќ, имамот на оваа џамија и главен имам на Меџлисот на Исламската заедница, за АА рече: "Вработената, утринава при доаѓањето забележала скршено стакло во џамијата, а пукањето најверојатно се случило во текот на ноќта. Најдовме искршено прозорско стакло од куршумите и уште неколку дупки од куршуми на ѕидовите на џамијата".
Тој додаде дека полициските инспектори во џамијата го прегледуваат видеоматеријалот, со цел да утврдат дали е снимен, и дали може да се идентификува напаѓачот.
"Не сакаме да шпекулираме во врска со овој немил настан. Полицијата нека си ја работи работата", рече ефендија Цамиќ, додавајќи дека многу брзо, откако викнале полиција, пред дворот на џамијата се собрале голем број на граѓани, кои се интересирале за настанот.
Дежурниот оперативен центар за јавна безбедност во Бијелина, потврди дека увидот за овој настан е во тек.
"Добивме информација дека имало пукање. Најверојатно станува збор за заталкан куршум кој го оштетил прозорецот и внатрешноста на џамијата, но сè додека увидот не заврши, не можеме да даваме повеќе информации во врска со ова", рече дежурниот во Оперативниот центар.
Ефендија Цамиќ потсети дека тамошните џамии се често мета на напади.
"Атик џамијата отворена е во 2005 година и оттогаш забележани се низа инциденти и напади на овој верски објект. Секоја година има барем по еден инцидент. Минатата година, на вториот ден од Рамазан, две лица го симнаа од јарболот знамето со лилјани, кое се наоѓа покрај спомен-обележјето на загинатите од Јања, а еден од нив извршил и мала нужда на спомен-обележјето", изјави ефендија Цамиќ, додавајќи дека ваквите напади врз џамии се болни за повратниците.