Haydar Karaalp
10 Февруари 2021•Ажурирај: 10 Февруари 2021
БАГДАД
Лидерот на движењето „Садр“ во Ирак, Муктеда ес-Садр, побара повлекување на американските сили од земјата и истакна дека нема да дозволат нормализирање со Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Садр на прес-конференција одржана во Наџиф се осврна на прашањата за предвремените избори закажани за октомври 2021 година, присуството на американските сили во земјата и нормализирање на односите со Израел.
Во врска со предвремените избори, Садр рече: „Ги повикувам сите да придонесат за создавање демократска средина ослободена од насилство за предвремените избори да бидат успешни. Ние прифаќаме меѓународна контрола на изборите, но не дозволуваме други земји да интервенираат во изборите.“
Шиитскиот водач, тврдејќи дека ирачките безбедносни сили се во пропаѓање, истакна дека нема отстрана да ги гледаат нападите врз Армијата и полициските сили.
Во врска со демонстрациите кои се одржуваат во земјата, Садр нагласи:
„Ние сме за мирни, реформистички демонстрации против корупцијата во кои нема да има убиства и оштетување на јавниот имот. Истрагите спроведени за апсење и казнување на оние кои убиваат мирни демонстранти и безбедносни сили мора да завршат што е можно поскоро. Исто така, мора да се заштити суверенитетот на државата, нападнат од внатрешни и надворешни сили. Мојот пријател [премиерот] Казими, исто така вети дека ќе го врати суверенитетот на државата. Тоа мора да се исполни.“
- Повик до Бајден и порака за нормализација со Израел
Упатувајќи повик до американскиот претседател Џо Бајден, Садр го замоли да ги повлече неговите трупи од Ирак „преку дипломатски средства и Парламентот“.
Во врска со тврдењата за нормализирање на односите со Израел, шиитскиот лидер Садр рече: „Нормализацијата е пред врата, но Парламентот не треба да го дозволи тоа. Никогаш нема да дозволиме вакво нормализирање, дури и да има жртви.“