Ekipa
10 Февруари 2021•Ажурирај: 11 Февруари 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) го продолжи датумот за вакцинација против Ковид-19 за три месеци, објави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Целта на Блокот е сега да вакцинира 70 отсто од возрасната популација до крајот на летото наместо до почетокот“, изјави Вон дер Лејен во Европскиот парламент.
Таа призна дека ЕУ доцнела со одобрување на вакцината и била премногу оптимистична во поглед на масовното производство и навремената испорака.
Осврнувајќи се на препирките со произведувачите на вакцини поради одложувањето на испораките, Вон дер Лејен наведе дека ЕУ ги потценила потешкотиите во производството, бидејќи не е возможно преку ноќ да се воспостави масовно производство.
Таа истакна дека немаат намера да ги ограничуваат компаниите кои ги почитуваат своите договори со ЕУ и ги потсети произведувачите дека Европскиот блок инсистира на својот правичен дел.
„Битката против вирусот е маратон, а не спринт“, потврди Вон дер Лејен.
Европската Унија, со 450 милиони жители, потпиша договори за купување со шест компании - „Фајзер“/„БајоНТех“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Кјурвак“, „Џонсон и Џонсон“ и „Санофи“/„ГлаксоСмитКлајн“ за околу 2,3 милијарди дози вакцини.
Во јануари „АстраЗенека“ и „Фајзер“/„БајоНТех“ се критикувани поради најавата за одложување во испораката на вакцината, а најголемите официјални претставници на ЕУ тврдеа дека Блокот дал финансиски придонес на нивните истражувања заради приоритетниот пристап до вакцините.
Како резултат на тоа, Европската комисија воведе механизам на транспарентност и одобрување на вакцините за Ковид-19 кои се произведени во земјите на ЕУ.
Според новите правила, пред одобрувањето за извоз на вакцините против Ковид-19, државите членки треба да ја известат Европската комисија дали компанијата навреме ги завршила испораките во Блокот.