Burak Bir,Mahmoud Mohamed Barakat
10 Февруари 2021•Ажурирај: 11 Февруари 2021
МУСКАТ/АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека Анкара го поддржува единството, просперитетот и безбедноста на Заливскиот Регион, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сме подготвени тесно да соработуваме со Оман и со другите заливски земји за прашањата во врска со нашиот регион“, изјави Чавушоглу на заедничката прес-конференција со неговиот колега од Оман, Саид Бадр бин Хамад бин Хамуд ал Бусаиди во Мускат.
Велејќи дека двете земји понатаму ќе ги подобрат политичките, економските и трговските односи, и покрај пандемијата на Ковид-19, Чавушоглу ја поздрави неутралната и независна надворешна политика на Оман: „Оман е гласот на разумот и мудроста во регионот.“
„Турција е стратешки партнер на Советот за соработка на Заливот (GCC) и ја поздравуваме нормализацијата меѓу земјите членки на Советот и некои други земји во регионот. Турција ги поддржува единството, просперитетот и безбедноста во регионот на Заливот“, додаде тој.
Истакнувајќи дека двајцата врвни дипломати разговарале и за последните случувања во регионот, вклучително и за Сирија, Либија и Јемен, како и за билатералните врски, Чавушоглу истакна дека е среќен што гледа дека Турција и Оман имаат ист став во однос на сите овие земји и се предвесници на мирот и стабилноста.
Чавушоглу е во тридневна турнеја низ земите од Персискиот Залив. Тој вчера го посети Кувајт каде што се состана со високи официјални претставници, вклучувајќи го кувајтскиот емир, шеикот Наваф ал Ахмад ал Џабер ал Сабах и престолонаследникот, шеикот Мишал ал Ахмад ал Џабер ал Сабах.
Чавушоглу утре се очекува да пристигне во катарскиот главен град Доха.
- „Добри билатерални односи“ -
Високиот дипломат на Оман, Хамуд ал Бусаиди, го изрази своето задоволство од пречекот на Чавушоглу во Мускат.
„Имавме позитивна и плодна сесија на консултации во врска со добрите и значајни билатерални односи меѓу двете земји и начините за нивно развивање кон пошироки и поголеми хоризонти, особено во полето на економијата, трговијата, туризмот и културата“, изјави тој.
Aл Бусаиди исто така нагласи дека разговорите исто така се однесувале на локални и регионални прашања, како и на соработката во напорите против пандемијата на Ковид-19.