Muhammet Kurşun
10 Февруари 2021•Ажурирај: 10 Февруари 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека иранскиот народ одиграл важна улога во губењето на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД) и дека светот му должи поради тоа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рохани преку видеолинк зборуваше на одбележувањето на 42-годишнината од Иранската револуција.
Тој изјави дека светот му должи на Иран поради ставот кој го зазел кон Трамп, нарекувајќи го насилник од Белата куќа.
„Доколку иранскиот народ не се спротивставеше на насилникот од Белата куќа и со својот отпор не го поразеше, тој многу лесно би стигнал до победата“, изјави Рохани.
Тој напомена дека Иран, со одлуката да не го напушти Договорот за нуклеарната програма, ги расипал плановите на САД.
„Да се повлечевме од Договорот за нуклеарната програма, сите санкции би се вратиле. САД и Израел успешно би ги реализирале своите планови. Трамп од фотелјата е исфрлен од страна на свесниот американски народ, меѓутоа, важна е улогата која иранскиот народ ја одигра во соборувањето на овој насилник“, изјави Рохани.
Иранскиот претседател ги повика сите жители на Иран да гласаат на претседателските избори кои ќе се одржат на 18 јуни.
Иранскиот народ, годишнината од Иранската револуција, поради пандемијата на Ковид-19 ја славеше со колони од автомобили, велосипеди и мотоцикли.