Berk Kutay Gökmen
22 Септември 2026•Ажурирано: 22 Септември 2026
Литванскиот премиер за „Би-би-си“ изјави дека неговата земја подготвила планови за евакуација како одговор на потенцијалните закани од Русија, нагласувајќи дека „нема да се предадат“ доколку земјата биде нападната, јавува Анадолу.
Премиерот Миндаугас Синкевичиус денес изјави дека луѓето во Литванија се чувствуваат „постојано загрозени“ од Русија, делумно поради дроновите што влегуваат во воздушниот простор на земјата.
Тој рече дека доколку Литванија биде нападната, ќе возвратат и ќе се вклучат во борбата.
Истовремено, тој објасни дека властите се подготвиле за „различни сценарија“, вклучително и планови за „непречено“ евакуирање на постарите жители од градовите, притоа спречувајќи создавање големи сообраќајни метежи.
Литванија, членка на НАТО, има копнена граница со руската енклава Калининград.
„Размислуваме за различни сценарија, а за некои од нив не се зборува многу јавно“, рече Синкевичиус.
„Се соочуваме со конкретни закани, не секојдневно, но ги доживуваме и тоа е вистинска реалност за нас.“
Синкевичиус, исто така, рече дека на Велика Британија ѝ е потребна „промена во начинот на размислување“ кога станува збор за нејзиниот пристап кон одбраната, признавајќи дека Литванија е „поблиску до границата и поблиску до заканата“.
Неговите изјави уследија само по една недела откако пилоти на НАТО соборија дрон кој влегол во воздушниот простор на Литванија.
Иако потеклото на дронот официјално не е потврдено, литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас за „Њузур“ изјави дека тој дошол од правец на Белорусија, која граничи со Литванија и е близок сојузник на Русија.