Övünç Kutlu
06 Ноември 2019•Ажурирај: 07 Ноември 2019
АНКАРА
Турскиот брод за сондажа „Фатих“, наскоро ќе започне со повторно дупчење во Средоземното Море за да ги продолжи истражувачките активности за пронаоѓање резерви на гас, соопшти денеска турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, јавува Anadolu Agency (AA).
„Бродот „Фатих“ ги заврши своите активности за дупчење во Финике, и пристигна во пристаништето „Ташуџу“ во Мерсин“, рече Донмез, додавајќи дека по одредени ситни поправки што ќе траат неколку недели, повторно, што е можно поскоро ќе започне со активностите за дупчење недалеку од брегот на Турската Република Северен Кипар.
Министерот Донмез изјави дека Турскиот брод за сондажа „Фатих“ продолжува со активностите во источниот Медитеран
„Вториот турски брод за сондажа „Јавуз“, започна со дупчење во Ѓузелјурт пред неколку недели“, изјави Донмез пред новинарите на 12. Меѓународен конгрес за енергетика и Експо (EIF 2019) во Анкара.
„Ако има ресурси [на нафта и гас], ние ќе ги најдеме. А кога ќе ги најдеме, ќе ги споделиме со нашата нација. Ќе треба поголема трпеливост“, рече турскиот министер.
Донмез рече дека турските бродови „Оруч Реис“ и „Барбарос Хајретин-паша“ ги продолжуваат своите истражувачки активности.
Турција, како земја гарант на Турската Република Северен Кипар, во моментот спроведува активности за истражување на ресурси на јаглеводороди (фосилни горива) во Источниот Медитеран со двата брода „Фатих“ и „Јавуз“, заедно со бродовите за сондажа „Оруч Реис“ и „Барбарос Хајретин-паша“ во истиот регион.
Турција континуирано предупредува за едностраното дупчење од страна на администрацијата на кипарските Грци во Источниот Медитеран, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар исто така има права на ресурсите во подрачјето.
Во 1974 година, по пучот за анексија на Кипар од страна на Грција, Анкара мораше да интервенира како земја гарант. Во 1983 година основана е Турската Република Северен Кипар.
Оттогаш се појавија неколку обиди да се реши кипарското прашање, но сите завршија со неуспех. Последниот обид во 2017 година во Швајцарија, во кој учествуваа и државите гаранти - Турција, Грција и Велика Британија - заврши без никаков напредок.
12. Меѓународен конгрес за енергетика и Експо (EIF 2019), на кој Anadolu Agency е глобален комуникациски партнер, се одржува од 6 до 8 ноември. Домаќин е на околу 300 директори, експерти и извршни директори од над 40 земји, кои ќе разговараат за обновливите извори на енергија, како што се соларната, геотермалната, хидро и енергијата на ветрот и биомасата, како и за темите поврзани за глобалниот енергетски пазар и можностите за инвестирање во Турција.