Турција

Турција: Мајките од Дијарбакир со повик до меѓународната заедница

„Претседателот на Америка вели ’ПКК е курдско‘. Потенцирам, не е курдско. И јас сум Курдинка, нема такво нешто. Го осудуваме теророт, и секако, не го поддржуваме. Ја одзедоа слободата на нашите деца и ги однесоа таму..“

Hasan Namlı  | 15.11.2019 - Обновена : 17.11.2019
Турција: Мајките од Дијарбакир со повик до меѓународната заедница Фото: Hasan Namlı/АА

ДИЈАРБАКИР (АА) - ХАСАН НАМЛИ -

Мајките од Дијарбакир, Турција, продолжуваат со протестите кои на 3 септември ги започнаа пред зградата на обласното претседателство на Народната демократска партија (HDP), која ја сметаат за одговорна за киднапирањето на нивните деца и носењето во терористичките кампови, јавува Агенција Анадолија (АА).

Семејствата чии деца се приклучиле во редовите на терористичката ЈПГ, крило на ПКК во Сирија, измамени преку партијата ХДП, побараа поддршка од меѓународната заедница.

Мајката Хаџире Акар, за својот син Мехмет Акар кој е киднапиран на 22 август, започна со протест пред обласната зграда на партијата ХДП. Нејзината борба даде резултати и на 24 август нејзиниот син беше вратен назад. Овој настан стана пример и за другите семејства кои ја претрпуваат истата болка и копнеат по своите синови.

- „Го осудуваме теророт, и секако, не го поддржуваме“ -

Ајшеѓул Бичер на протестот се приклучи поради тоа што нејзиниот 17-годишен син бил киднапиран во Дијарбакир. Таа во изјавата за АА рече дека дознале дека нејзиниот син се наоѓа во рацете на терористичката организација ПЈД во Сирија.

„Терористичките организации ПКК, ЈПГ, ПЈД - сите се исти. Ниту една од нив нема врска со Курдите. И јас сум од курдско потекло, но не ги поддржувам терористичките организации, напротив, ги проколнувам“, нагласи мајката Ајшеѓул Бичер.

„Претседателот на Америка вели ’ПКК е курдско‘. Потенцирам, не е курдско. И јас сум Курдинка, нема такво нешто. Го осудуваме теророт, и секако, не го поддржуваме. Ја одзедоа слободата на нашите деца и ги однесоа таму. Украдена е нивната иднина. Наместо нашите деца да се образоваат, да пишуваат, читаат, тие таму во Сирија се занимаваат со бомби, оружје... Не го прифаќаме тоа“, додаде таа.

Таа, истакнувајќи дека чекала нејзиниот син да служи воена служба во Турција, рече дека тој е измамен и однесен во Сирија.

„Америка преку Курдите ја игра својата игра. Нека не игра преку нас. Оттука упатувам повик до нејзиниот претседател и народот, вратете ги нашите синови. Ги сакаме нашите синови“, рече Ајшеѓул.

- „Америка ги поддржува“ -

Сулејман Ајдин на протестите се придружи поради неговиот 15-годишен син Озкан кој е исто така киднапиран. Тој истакна дека ќе продолжи со протестот сѐ додека не биде вратен неговиот син.

Ајдин, обраќајќи се до САД, Русија и Европа, рече: „Зошто не го пренесувате нашиот глас? Народната демократска партија (ХДП) ги носи нашите деца. Тие имаат претставник тука. Тоа е ХДП. ХДП значи ПКК, ПКК значи ЈПГ. Тоа веќе секој го знае.“

Тој, реагирајќи до некои членови на американскиот Конгрес кои го поканија водачот на терористите, Ферхат Абди Шахин, со кодно име „Мазлум Кобани“ во САД, рече:

„Тој е член на ПКК. Убиец на илјадници деца, млади. Америка го кани поради своите интереси. Америка ги поддржува (ПКК). Абдулах Оџалан вели дека е негов духовен син. Негов духовен син е поради тоа што убива многу добро, без разлика за кого се работи. Тој е убиец, терорист.“

Ајдин, обвинувајќи ги САД дека ја поддржуваат терористичката организација, рече дека терористичката организација, со поддршката што ја добива од САД, киднапира деца.

Ајдин, исто така нагласи:

„Ако курдскиот национализам значи носење на 15-годишно дете во планина, јас не го сакам тој курдски национализам. Ако Америка навистина ги брани Курдите, нека дојде, нека нѐ поддржи нас. Зошто не дава никаква изјава? Ако Америка даде некоја изјава, нашите деца ќе се вратат назад. Тој Мазлум Кобани ги чека нејзините инструкции. Како што ги киднапираа децата, така може и да ги вратат. Но тоа не им одговара. Младите деца умираат таму.“

- „Синот го израснав во сиромаштија“ -

Фатма Бинѓол од Истанбул дојдена е во Дијарбакир поради нејзиниот 14-годишен син кој е киднапиран пред пет години. Таа рече дека нејзиниот син бил измамен од страна на Народната демократска партија (ХДП) и однесен.

Посочувајќи дека нејзиното дете го однеле заканувајќи се, Бинѓол нагласи: „Тие се кријат зад нашите деца, нив ги фрлаат во оган. Тие седат на своите фотелји. Никој нема право на тоа. Нека ги вратат нашите деца.“

Реагирајќи на тврдењето дека „терористичката организација ЈПГ го брани правото на Курдите“, Бинѓол рече: „Ова не е право на Курдите, туку е служење на Соединетите Американски Држави. Моето дете не може да ги брани правата на Курдите служејќи ѝ на Америка. Многу жалам, не можам да ја опишам болката што ја имам во душата. Не го израснав мојот син за да биде искористен од други. Синот го израснав во сиромаштија. Нека се врати и нека ѝ служи на татковината.“

Ремзије Акојун, исто така протестира за нејзиниот син Азат. Таа рече дека ќе продолжи со протестите сѐ додека нејзиниот син не биде вратен назад.

Наведувајќи дека од фотографиите кои ги добила на нејзиниот телефон, дознала дека нејзиниот син се бори во редовите на терористичката организација ЈПГ во Сирија, рече: „Мојот син го испратиле во војната во Сирија. Нека го остави оружјето. Нека ми го вратат синот. Нека го вратат мојот Азад.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.