Şerife Çetin,Nazlı Yüzbaşıoğlu,Gökhan Varan
04 Мај 2021•Ажурирај: 05 Мај 2021
ЉУБЉАНА
Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, рече дека во одредени земји на Европската Унија (ЕУ) доаѓа до одредени проблеми кога се во прашање човековите права и дека се во пораст исламофобичните и антисемитските напади, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во текот на посетата на Словенија се состана со министерот за надворешни работи на оваа земја, Анже Логар, по што одржаа и заедничка прес-конференција.
Чавушоглу истакна дека состанокот со министерот и состаноците на делегациите биле исклучително продуктивни, а тоа била и можност за разговори за унапредување на билатералната соработка.
„Споделуваме заеднички став кога е во прашање продлабочувањето на односите“, рече Чавушоглу.
Турскиот министер истакна дека е разговарано за начините на унапредување на економската соработка и за зголемувањето на обемот на билатералната трговија.
„Обемот на билатералната соработка моментално надмина две милијарди долари, меѓутоа тука постои одреден дисбаланс кога е во прашање Турција, па потребно е да се постигне рамнотежа. Треба заеднички да работиме. Разговаравме и за тоа, ова прашање да биде разгледувано на состанокот на Заедничкиот економски совет, што ќе биде одржан во наредните денови“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека е разговарано за диверзификација на стоката, поголеми инвестиции во Словенија и како да се постигнат поголеми словенечки инвестиции во Турција.
Шефот на турската дипломатија упати благодарност до Словенија за довербата укажана на турските компании и потсети дека турските компании во последните неколку денови победиле на значајни тендери.
Исто така, тој ѝ посака среќа на Словенија која во наредниот период ќе го преземе претседавањето со ЕУ.
Чавушоглу со Логар разговарале за приоритетите на активностите кога е во прашање претседавањето на Словенија.
„Како Турција, сакам да го нагласам следното: Иако не сме членка, ние сме земја која преговара. Во тие рамки, сакам да кажам дека ќе ги поддржиме тие приоритети“, рече Чавушоглу.
Разговарано е и за прашањата што се однесуваат не само на Западен Балкан, туку и на случувањата во Либија, Сирија и Авганистан.
Посебно се осврнале на Западен Балкан.
Чавушоглу додаде дека Турција и Словенија ги споделуваат загриженостите и интересите на Балканот.
„Нашата блиска соработка со Словенија придонесува за благосостојбата и мирот на Западен Балкан“, рече Чавушоглу.
Додаде дека е нагласено значењето на севкупните политики во регионот и дека не поддржуваат никаква сепаратистичка реторика базирана на вера или нација.
Чавушоглу одговараше и на прашањата во врска со посетата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во Турција, организирана на 6 април.
„За жал, протоколарната криза на делегацијата на ЕУ ги засени нашите продуктивни разговори“, рече Чавушоглу.
Смета дека е потребно да се преземат конкретни чекори кога е во прашање ревидирањето на Царинската унија, дијалогот на високо ниво, безвизниот режим, борбата против тероризмот и миграциите.
Истакна и дека Турција презема значајни реформи кога се во прашање човековите права и потсети дека претседателот на таа земја, Реџеп Таип Ердоган, неодамна со јавноста го споделил Акцискиот план за човековите права.
„Прашањето за човековите права како во институциите на ЕУ така и во земјите членки, станува приоритетна тема бидејќи почнаа да се формираат проблеми на тоа поле. Гледаме дека во многу западни земји доаѓа до пораст на исламофобичните и антисемитските напади. Истовремено, се кршат и правата на бегалците и малцинствата. Заеднички треба да се бориме против тоа“, рече Чавушоглу.
Запрашан за одлуката на Турција да се повлече од Истанбулската конвенција, Чавушоглу рече дека тоа не е прашање кое се однесува на заштита од правата на жените. Потсети дека споменатиот документ предизвикал расправи во многу земји, а шест членки на ЕУ не го одобриле.