Atila Altuntaş
06 Јули 2023•Ажурирај: 07 Јули 2023
СТОКХОЛМ (АА) - 40-годишен маж, кому во Шведска му се судеше за собирање средства за терористичката организација ПКК/ЈПГ, е осуден на 4,5 години затвор и по отслужувањето на казната ќе ѝ биде испорачан на Туркије, јавува Анадолу.
Окружниот суд во Стокхолм објави дека лицето, чиј идентитет не е наведен, е осудено на 4,5 години затвор за „финансирање тероризам“, „обид за изнуда“ и „вооружен напад“.
Во соопштението се наведува и дека осомничениот, кој собирал средства за терористичката организација, по отслужувањето на казната ќе биде екстрадиран во Туркије.
Така, за прв пат во земјата лице кое собирало пари во име на терористичката организација ПКК/ЈПГ е осудено на затворска казна.
„ПКК е обвинета за собирање пари преку уцена во Шведска. Тоа е дел од поголеми активности кои веќе долго време, организирано се спроведуваат. Постојат цврсти докази дека осомничениот дејствувал во име на ПКК“, изјави обвинителот Ханс Ихрман, кој го подготви обвинението.
Државната телевизија СВТ наведе дека обвинетиот бил уапсен во јануари откако од ресторан со закана со пиштол барал изнуда за терористичката организација ПКК.
Шведската разузнавачка служба СЕПО соопшти дека осуденото лице е едно од важните лица на терористичката организација ПКК во земјата.
Шведскиот министер за надворешни работи, Тобијас Билстром, во изјава за весникот „Дагенс нихетер“ во април ја наведе терористичката организација ПКК/ЈПГ како причина поради која Туркије не го одобрува членството на Шведска во НАТО.
„Активностите на ПКК во нашите земји се многу опсежни“, рече тогаш Билстром.