Atila Altuntaş
14 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
СТОКХОЛМ (АА) - Ударната вест во шведските медиуми е синоќешниот успех на фудбалската репрезентација на земјата која се квалификува за Светското првенство во Русија, а со тоа ја елиминира фаворизираната селекција на Италија, јавува Anadolu Agncy (AA).
По минималната победа во првиот натпревар, синоќа Швеѓаните во Милано се изборија за настап на Светското првенство следната година, а Италија по шест децении нема да биде меѓу најдобрите фудбалски нации во светот.
„Радост, солзи и успех“, вели насловната страница на најпознатиот шведски весник „Aftonbladet“ (Афтонбладет) кој шведските репрезентативци ги прогласи за херои на нацијата.
И весникот „Expressen“ на насловната страница на денешното издание шведските репрезентативци ги нарекува херои, а во текстот се вели дека репрезентацијата на Шведска успеа да ја елиминира Италија, и покрај сите игри кои Италијанците ги водеа на и надвор од теренот.
Исто се наведува дека шефот на Фудбалскиот сојуз на Италија, Карло Taвечио, вложи жалба за судењето на турскиот арбитар Џунејт Чакир во првиот натпревар и се обиде да изврши разни притисоци пред синоќешниот милански реванш.
Токму „Expressen“ го објави краткото интервју со менаџерот на Златан Ибрахимовиќ, Мино Раиола, кое го привлече вниманието на светските медиуми.
Запрашан дали е можно да се врати Ибрахимовиќ во националниот тим на Светското првенство во Русија, Раиола изјави дека Златан е жив и дека сè е можно.
Шведските медиуми таа изјава ја окарактеризираа како преднајава за враќањето на Ибраимовиќ во националниот тим.
Паралелно со тоа, најголемо внимание на спортската јавност привлече и сликата на селекторот Андерсон кој се обидува да го исчисти нередот кој го направија неговите фудбалери во текот на прославата по натпреварот во соблекувалната на „Сан Сиро“.