Ekipa
28 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим денес потврди дека американскиот претседател јасно му кажал на својот колега Ердоган дека снабдувањето со оружје на ПКК/ЈПГ било погрешно, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим ги даде ваквите коментари за време на неговото интервју со „BBC World“ (Би-би-си ворлд).
„Трамп сфати што е важно за Турција“, рече Јилдирим, осврнувајќи се на ветувањето што Трамп му го даде на Ердоган во телефонскиот разговор во петокот, дека ќе го прекине снабдувањето со оружје на терористичката организација ПКК/ПЈД и ПКК/ЈПГ во Сирија.
„Тие (САД) велат дека соработката со ЈПГ и со ПЈД не е избор туку обврска. Во ред, ние разбираме, но сепак не прифаќаме. Тоа е привремен однос. Сега е време да се заврши бидејќи ДЕАШ е веќе поразен“, вели премиерот.
„Значи, претседателот Трамп рече дека е погрешно снабдувањето со оружје. Тоа е јасно кажано“.
Јилдирим нагласи дека турската политика во борбата против ДЕАШ е јасна уште од почетокот, и оти е важно да се избере вистински партнер во борбата против ДЕАШ.
„Не можете да се борите против терористичка организација користејќи друга терористичка организиација“, додаде тој.
Од страна на САД подоцна беше истакнато дека се разгледуваат одредени усогласувања во однос на воената поддршка што се обезбедува за курдските партнери во рамките на воените барања за поразување на ДЕАШ и стаблизирање, како и во напорите што за спречување на враќање то на ДЕАШ.
„Отсекогаш сме биле јасни со Турција дека оружјето обезбедено за СДФ, за да ги вклучи своите курдски елементи, ќе биде ограничено, специфично за мисијата и ќе се обезбедува постепено постигнување на воените цели“, изјави портпаролот на Пентагон, Ерик Пахон за АА. Тој рече дека САД ќе го продолжат партнерството со сириските демократски сили за да го завршат воениот пораз на ДЕАШ.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, изјави дека и покрај тоа што комплетниот пораз на ДЕАШ е на повидок, тоа не мора да значи дека ќе заврши поддршката на тие индивидуални групи.
„Откако почнавме да победуваме во кампањата против ДЕАШ, планот и дел од процесот секогаш беше да ја намалиме поддршката на одредени групи“, истакна таа.
„Сега, кога продолжува уништувањето на физичкиот калифат, во состојба сме да запреме со обезбедувањето воена опрема за одредени групи“.
- Не се сомневаме во поврзаноста на Ѓулен со неуспешниот обид за државен удар
Како одговор на прашањето дали Турција до Вашингтон има доставено докази коишто укажуваат на тоа дека Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО со седиште во САД, е поврзан со минатогодишниот неуспешен обид за државен удар, Јилдирим изјави дека потребните документи биле поднесени.
„Според нас, очигледно е. Не се двоумиме. Не постои сомнеж во врска со тоа“, изјави тој, осврнувајќи се на улогата на Ѓулен во неуспешниот обид за државен удар.
Јилдирим исто така одговори на прашањето во врска со обвинувањата за притворања по обидот за пуч.
„Има таков вид обвинувања. Но оние што нѐ обвинуваат нас треба да размислат за тоа што се случи на 15 јули“, рече тој.
„Зградата на нашиот Парламент беше бомбардирана. Нивните бомби убија 250 невини лица а 2.194 беа тешко повредени. Што можеме да направиме тогаш? Моравме да ги пронајдеме оние што го сторија злосторството. Тоа е ситуацијата во Турција“, изјави Јилдирим.
„Не притвораме лица без докази. Тоа е сигурно“, рече тој, додавајќи дека во Турција владее правото.
Турскиот премиер ги повика критикувачите на Турција да покажат сочувство.
„Дали сте се соочиле со ваква работа? Ако се соочите, тогаш ќе видиме што ќе правите“, вели тој.
Јилдирим ги негираше обвинувањата дека Ердоган станува авторитативен лидер.
„Ердоган не одлучува кој ќе оди в затвор или кој ќе биде ослободен. Судот одлучува“, рече тој, додавајќи дека постои слобода на печатот во Турција.
„Имаме слободен печат. Се издава дури и весник што е поддржувач на ПКК", рече Јилдирим.