Ekipa
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
МАДРИД (АА) - Четворица осомничени кои беа уапсени минатата недела, поради учество во планирањето или извршувањето на напад во Барселона и околината, при што беа убиени 15 лица, а над стотина се повредени, ќе се појават денес пред судијата на Националниот суд на Шпанија и ќе сведочат, јавува Anadolu Agency (AA).
Шпанските медиуми ги идентификуваа осомничените како: Дрис Оукабир, Мохамед Аалаа, Салх ел Кариб и Мохамед Хоули Чемал.
Тројцата се уапсени на 17. и 18. август, во северниот каталонски град Рипол. Еден од осомничените е уапсен во Алканар, јужно од Барселона, каде што се наоѓаше куќата за којашто се смета дека била урната во случајна експлозија, но подоцна беше утврдено дека била работилница за правење бомби.
Сите четворица осомничени стигнаа рано утринава во Националниот суд во Мадрид.
Јунес Абукакуб, за кого полицијата верува дека управувал со комбето со коешто беа убиени 14 лица на Лас Рамблас, централното шеталиште во Барселона, вчера беше неутрализиран.