Fatma Esma Arslan
06 Октомври 2021•Ажурирај: 07 Октомври 2021
ДАКАР (АА) - Францускиот амбасадор во Бамако, Жоел Мејер, е повикан во Министерството за надворешни работи на Мали, поради изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон насочени кон Владата на Мали, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Мали, Mејер бил повикан во Министерството за надворешни работи поради „непријателските и навредливи изјави“ на Макрон изречени против државните институции на Мали.
На францускиот дипломат му е изразен гневот и силниот протест на Владата на Мали поради тие изјави, кои може да им наштетат на пријателските односи.
Повикувајќи ги француските власти да „избегнуваат судења“, побараа конструктивен пристап базиран на заемно почитување и фокусирање на клучните прашања, особено борбата против тероризмот во Сахел.
Исто така, нагласено е дека Владата на Мали е подготвена да воспостави блиски и хармонични односи со партнерите што ги почитуваат легитимните барања на народот на Мали.
- Полемика за „Вагнер“ помеѓу Франција и Мали -
Премиерот на Мали, Чогуел Кокала Маига, ја обвини Франција, која одлучи да се повлече од Мали, по наводите дека руската безбедносна компанија „Вагнер“ ќе биде стационирана во земјата.
Лорен Мишон, командант на француската операција „Баркан“ во Сахел, истакна дека со администрацијата на Бамако околу две години разговарал за одлуката да се повлечат од трите бази на северот од Мали.
Францускиот претседател Макрон, наведувајќи дека е шокиран од зборовите на Mаига, рече: „Овие срамни изјави од земја која доживеа два државни удари по ред и која нема ниту влада, не се неприфатливи... Ние сме во Мали на барање на државата Мали. Без Франција, Мали ќе паднеше во рацете на терористите.“
- Тврдење дека „Вагнер“ ќе биде стационирана во Мали -
Се тврдеше дека преодната Влада, формирана во Мали по државниот удар, и руската група „Вагнер“, требаше да потпишат договор што предвидува обука на Армијата на Мали и заштита на високите функционери.
Според тврдењата, околу 1.000 платеници можат да заминат во Мали, а за возврат ќе бидат платени 10,8 милиони долари месечно.
Од друга страна, официјалните претставници на Мали кои не ги негираа обвинувањата, рекоа дека се отворени за секаков вид соработка во областа на безбедноста.
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, потврдувајќи дека претставници на Мали се сретнале со „Вагнер“, рече дека Мали има право да покани „руски приватни компании“ во земјата.
Во руските медиуми се тврдеше дека група руски платеници се во Мали од 1 октомври.
- „Вагнер“ можно е да дејствува во девет земји во Африка -
Платениците на „Вагнер“ ги обучуваат локалните војски, ги штитат клучните фигури, се борат против бунтовничките или терористичките групи и обезбедуваат рудници за злато, дијаманти и ураниум во местата каде што има жаришта.
Се верува дека руските платеници дејствуваат во Либија, Централноафриканската Република, Судан, Мозамбик, Гвинеја, Гвинеја Бисао, Мадагаскар, Зимбабве и Ангола.