Mehmet Alaca
06 Октомври 2021•Ажурирај: 07 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Ретка колекција цртежи и слики на познатиот боксер Мухамед Али е продадена за околу 1 милион долари на аукција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), околу 26 уметнички дела биле понудени на наддавање во аукциската куќа „Бонхамс“ во Њујорк.
Едно од најпопуларните дела, „Убод како пчела“ (Sting Like a Bee), продадено е за 425.000 долари, со десетпати поголема цена од предвидувањата направени пред продажба.
- „Неговите дела се занимаваат со теми што го прикажуваат неговото срце“ -
Еден од најголемите боксери на сите времиња, Али, е познат како активист и поет, но помалку се знае за неговите уметнички способности.
Хелен Хол, директорката на „Бонхамс“, истакна дека Али бил охрабрен од неговиот татко, професионален уметник, кој цртал и сликал во текот на неговиот живот.
„Мухамед Али беше културна икона што дефинира генерација. Неговите дела вклучуваат бокс, граѓански права, религија, свет мир и хуманитарни принципи. Тој се занимава со теми што го опишуваат неговото срце“, нагласи Хелен Хол.
Делата се продаваат на аукција од колекционерот на уметнички дела и негов пријател Родни Хилтон Браун, кој вели дека првите три слики на Али се направени во 1977 година, по борбата во Бостон.
Делата се продадени за вкупно 945.524 долари, трипати повеќе од очекуваната сума.
Според „Ројтерс“ (Reuters), сликата од 1979 година со натпис „Те сакам, Америка“ на платно во црвена, бела и сина боја е продадена за 150.000 американски долари, додека цртежот од 1967 година на кој се споредува исламот и христијанството е продаден за 24.000 долари.
Познатиот боксер Мухамед Али почина во 2016 година на 74-годишна возраст од Паркинсонова болест.