ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) – Мустафа Келеш – По зголемувањето на насилството и бројот на жртвите во Алепо, повторно се отворени прашањата и проблемите на 21. век, како за структурата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ на ОН), организација којашто е одговорна за мирот и безбедноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Годинешното собрание на Советот за безбедност на ОН, кое се одржува секоја година во септември, и оваа година заврши без да се најде решение за причините за судирите во Сирија, каде што илјадници луѓе го загубија животот, а милиони мигрираа.
На Собранието во Њујорк, каде што учество зедоа повеќе од 135 државни и владини функционери, речиси сите говорници го свртеа вниманието кон проблемот со војната во Сирија.
И покрај тоа што Меѓународната група за поддршка на Сирија двапати се состануваше надвор од ОН, како и по неколкуте средби на министерот за надворешни работи на САД, Џон Кери и неговиот руски колега Сергеј Лавров, не беше постигнат договор за продолжување на прекинот на огнот којшто траеше само една недела.
Русија и оваа година, како и минатата, ги зголеми воздушните напади врз Сирија, додека трае Собранието на ОН.
Како резултат на користењето на пробивачки бомби и зголемениот број загинати цивили, Советот за безбедност на ОН беше итно свикан на состанок, но освен препирањата на САД и Русија и тоа што претставничката на САД ги окарактеризира нападите на Русија како варварство, не беше забележан никаков напредок.
Целата оваа инерција поттикна дебата за структурата на СБ на ОН.
- Русија и Кина четирипати го искористија своето право на вето кон Сирија -
Русија и Кина своето право на вето против Сирија го искористија првпат во октомври 2011 година. Вкупно, правото на вето го имаат искористено четирипати, со што се спречува запирањето на воените злосторства од страна на режимот на Асад.
Ставајќи вето на уште два предлога во 2012 година, Русија и Кина го спречија и предлогот од 2014 година, воените злосторства во Сирија да бидат изнесени пред Меѓународниот кривичен суд.
На овој начин, режимот на Асад доби можност без никаква казна да продолжи со бомбардирање на цивилното население и измачување на затворениците.
Поради моменталната позиција на Русија, од 2014 година наваму многу предлози против режимот на Асад беа архивирани без да се гласа за нив.
Досега Советот успеа да дојде до заеднички став само околу хемиското оружје во Сирија, за негово уништување надвор од државата.
Советот исто така успеа да донесе неколку одлуки околу борбата против терористичките организации како ДАЕШ во Сирија и Ирак, но особено Русија, користејќи ги овие одлуки и оквалификувајќи некои умерени групи како ’терористички’, вршеше воздушни напади.
Според бројките на ОН во 2011 година, кога Русија и Кина првпат го искористија правото на вето, бројот на жртвите во Сирија бил 5 илјади, додека по пет години, оваа бројка надминува 300 илјади жртви.
- САД 42 пати го искористи правото на вето во корист на Израел -
Уште еден пример од постојаните држави-членки на СБ на ОН е САД, која за своите национални интереси го искористи правото на вето во корист на Израел.
Од 1972 година наваму, стави вето на 42 предлог-одлуки на СБ на ОН во корист на окупациските политики на Израел. Палестина сѐ уште не е полноправна членка на ОН, за што треба одобрение од СБ на ОН.
Палестина, во 2012 година, со поддршка од Генералното собрание на ОН доби статус ’држава набљудувач’ и палестинското знаме беше поставено пред ОН. И покрај тоа што САД и уште 10 држави го искористија својот глас против, не успеаја да го спречат овој чекор поради тоа што не се сите држави со право на вето во Генералното собрание на ОН.
Слична е и состојбата со Тајван. Кина, која е постојана членка на СБ на ОН, го спречува членството на Тајван во ОН, поради тоа што не ја признава неговата независност.
- „Нема одговор на современите услови“ -
Веќе 20 години се зборува за реформите што треба да се направат во Советот за Безбедност на ОН, за да може да се одговори на потребите на 21. век.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, обраќајќи се во врска со ова прашање рече: „Треба да се дојде до поширок консензус, кој ќе опфати реформа во Советот за безбедност што ќе ја засили репрезентативноста на Советот, ќе биде подемократска, фер, транспарентна и сеопфатна“.
Потенцирајќи дека без реформа во СБ на ОН, нема да се постигне целта за мир и безбедност, Ердоган додаде: „Токму поради ова, во секоја пригода ја потсетуваме меѓународната јавност и дека светот е поголем од 5“.
- „Не е помала важноста од климатските промени“ -
Претседателот на Генералното собрание на ОН за 71. седница, Питер Томсон, во говорот на отворањето на Собранието, осврнувајќи се на истата реалност рече: „Потребна е реформа во СБ на ОН, за да може да одговори на потребите на 21. век. Оваа реформа, која е единствен став на сите, не е помалку важна од борбата против климатските промени“.
Првите држави коишто бараат реформа во СБ на ОН, познати како Г4 (Германија, Јапонија, Индија и Бразил), се сретнаа уште еднаш во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк, известувајќи ја јавноста за своите барања.
Во соопштението што следеше по состанокот, кој се одржа на ниво на министри, се бара да биде земена предвид геополитичката реалност на 21. век и се потенцира на правична застапеност на регионите во советот.
Јапонија, Германија, Индија и Бразил, со години водат кампања за да станат постојани членки на СБ на ОН.
- „Одлука што треба да ја донесат државите-членки“ -
Заменик-портпаролот на генералниот секретар на ОН, Фархан Хак, во својата изјава за АА околу нерешената состојба на Сирија и реформите во СБ на ОН, рече: „Генералниот секретар на ОН, Бан, досега неколкупати упати апел до СБ на ОН за надминување на кризата во Сирија“.
Хак потсети дека Бан Ки-мун повторно упатил апел до СБ на ОН, на состанокот во неделата, и ги пренесе неговите зборови: „Што може да биде причина Советот да не може да го запре масакрот во Сирија? Уште колку време државите што имаат влијание ќе дозволат да продолжи ова злосторство?“
Потенцирајќи дека нема да коментираат за реформата во СБ на ОН за користењето на правото на вето, Хак рече: „Одлуката за донесување реформа во СБ на ОН, во врска со користењето на правото на вето, е одлука што треба да ја донесат државите-членки“.
- Пет постојани држави-членки се со право на вето -
По формирањето на Обединетите нации, по Втората светска војна, институцијата ја одобри употребата на моќта на Советот за безбедност на ОН.
Советот го сочинуваат 5 постојани членки (САД, Русија, Франција, Кина и Англија) и 10 привремени членки. Постојаните членки имаат право на вето на предлог-одлуките на Советот.
За да биде прифатена една предлог-одлука на Советот, потребни се 9 гласа ’за’, како и да не се стави вето од страна на ниедна постојана членка.
За да се направи реформа во Советот, потребно е или петте членки сами да се откажат од правото на вето, или пак да им се даде на повеќе држави право на вето.
Моменталната состојба укажува на тоа дека овие решенија не се лесно изводливи.
news_share_descriptionsubscription_contact
