Mahmoud Barakat
01 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
БАГДАД (АА) - Според офицерот на ирачката армија, најмалку 15 деца се убиени од страна на снајперистите на ДЕАШ во изминатите два дена во северниот град Мосул, јавува Anadolu Agency (AA).
„Снајперистите на ДЕАШ за цел ги имаат децата кои со своите семејства се обидуваат да ги напуштат областите на Мосул што се под армиска контрола“, изјави првиот армиски полковник Назхан Ал-Касем за АА денес.
„Во изминатите два дена, најмалку 15 деца се убиени на овој начин“, вели тој.
Ал-Касем нагласи дека терористичката група намерно ги има за цел децата за да ги одврати жителите што во паника ги напуштаат деловите на градот што се под контрола на армијата.
Во врска со ова, Ијад Рафед, официјален претставник на ирачката Црвена полумесечина, за АА изјави дека во изминатите два дена, околу 2.150 бегалци (вклучувајќи жени и деца) ги напуштиле деловите на источен и северен Мосул кои се под контрола на армијата.
Според Рафед, цивилите ги напуштаат ослободените области поради лошите хуманитарни услови (недостатокот на храна) и потојаното гранатирање од страна на милитантите на ДЕАШ.
Во вторникот, официјални лица на ирачката Влада прогласија дека бројката на жителите што го напуштиле Мосул во изминатите недели изнесува околу 80.000.
ДЕАШ во средината на 2014 година го зазеде Мосул, заедно со големи делови од северен и западен Ирак.
Во изминатите 45 дена, ирачката армија, поддржана од авионите на коалицијата предводена од САД и локалните копнени сојузници, се бори за заземање на Мосул.