Ekipa
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
ИДЛИБ (АА) - Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговиот поддржувач Русија, од доцна синоќа продолжија со нападите врз деескалационата зона во Идлиб. Во нападите досега животот го загубија 6 цивили, а 39 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Воените авиони на режимот на Асад и на Русија спроведуваат напади врз подрачјето на Хан Шејхун, Појасот Теманије, селата Шах Идрис, Мааршурин и Ет Тух, и местата Латамине и Кефер Зита во северните рурални делови на Хама.
Според податоците добиени од Цивилната одбрана (Бели шлемови), во воздушните напади загинале вкупно 6 лица, а 39 се ранети. Станува збор за лица кои работеле на поле во местото Хан Шејхун и лица кои се наоѓале на селскиот пазар во Мааршурин за време на нападите.
Цивилната одбрана додаде дека можно е бројот на загинати да се зголеми.
Опсерваторијата за набљудување на авиони на опозицијата, преку својот профил на социјалната мрежа информираше дека местата Хан Шејхун, Латамине, Кефер Зита и Појасот Мааршурин биле цел на напади од страна на Русија, велејќи: „Два руски борбени авиони полетаа од воената база Химејмим“.
- Состојбата во деескалационата зона во Идлиб -
Во моментов, популацијата на Идлиб, поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на силите од режимот.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судирите. Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај сето тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето.
За време на 12. средба меѓу Турција, Русија и Иран, која се одржа на 25 и 26 април годинава во Нурсултан (поранешна Астана), главниот град на Казахстан, дојде до интензивирање на нападите во зоната.
Според информациите од Цивилната заштита, од 25 април досега, во нападите извршени од страна на силите на режимот и странските терористички групи поддржани од Иран и Русија, загинаа најмалку 231 цивил, од кои 59 деца, а повеќе од 659 се ранети.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за примирје во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведоа напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Режимот на Асад, благодарение на поддршката добиена од терористичките групи поддржани од Иран и руското воздухопловство, на 25 април започна широкоопсежни напади врз зоната за деескалација на судирите во Идлиб, при што е освоена територија од околу 100 километри квадратни. Вооружената опозиција повремено спроведува операции врз споменатата територија, со цел да ја врати територијата од рацете на режимот.