Mustafa Melih Ahıshalı
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Сејид Абас Мусеви, ги повика европските земји да ги исполнат своите обврски кон нуклеарниот договор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мусеви, на прес-конференцијата одржана во зградата на Министерството во Техеран, истакна дека чекорите преземени од европските земји не ги исполниле очекувањата.
„Чекорите преземени од страна на европските земји за исполнување на нивните обврски кон нуклеарниот договор, досега не ги исполнија нашите очекувања. Европските земји треба да ги исполнат своите обврски кон нуклеарниот договор“.
„Откако Соединетите Американски Држави (САД) еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор, напорите на европските земји да ги исполнат своите ветувања не се доволни“, рече Мусеви, додавајќи дека европските земји не се спротивставија на барањата на САД со кои се игнорираат меѓународните закони.
Мусеви, потсетувајќи дека претседателот Хасан Рохани им даде 60 дена на европските земји за исполнување на обврските од нуклеарниот договор, рече: „Треба да се набљудува што ќе направат во преостанатиот период“.
Тој, исто така, изјави дека немаат надеж во механизмот за плаќање наречен „Инструмент за поддршка на трговските берзи“ (INSTEX), формиран од страна на Германија, Франција и Велика Британија, со цел да се избегнат санкциите на САД и да може да се врши трговија со Иран.
- „Ние не го побаравме „С-400“ од Русија“ -
Мусеви, истакнувајќи дека напорите на некои земји за решавање на проблемот меѓу САД и Иран не ги нарекува „посредување“, додаде: „Како што објавивме претходно, ние сме подготвени да ги сослушаме предлозите на нашите пријатели за регионалните и меѓународните прашања“.
Мусеви, во врска со прашањето дали Русија одбила да му го продаде системот за воздушна одбрана „С-400“ на Иран, рече: „Ние не сме имале барање до Русија на таа тема“.