Lokman İlhan
21 Декември 2019•Ажурирај: 23 Декември 2019
БОГОТА
Во авионска несреќа при уривање на мал авион во близина на Каракас, главниот град на Венецуела, животот го загубија девет лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според добиените информации, двомоторниот патнички авион од типот „Beechcraft 100 King Air“, кој полетал од аеродромот „Гуасипати“, сместен во источниот дел на земјата, паднал во шумски предел недалеку од аеродромот „Оскар Мачадо Зулоага“, јужно од главниот град Каракас.
Несреќата се случила пред самото слетување, а во неа не успеа да се спаси ниту еден од шесте патници и трите члена на екипажот.
Јавниот обвинител Тарек Вилијам Сааб за новинарите изјави дека за потребите на истрагата се задолжени еден експерт за авијација и двајца обвинители.
Сааб истакна дека сѐ уште е рано за да се даде изјава во врска со причините за несреќата.
Во некои од националните медиумите објавени се информации дека во авионот се наоѓале бизнисмени блиски до власта.
- Се тврди дека во авионот било пренесувано злато
Америко де Грасија, еден од опозиционерските пратеници во Националното собрание на Венецуела кој престојува во Италија, тврди дека во авионот било пренесувано злато.
Грасија му се приклучи на Хуан Гваидо, претседателот на Националното собрание на оваа земја, кој се самопрогласи за претседател на Венецуела и на лидерот Леополд Лопез кои на 30 април изведоа неуспешен обид за државен удар. Уште истиот ден Грасија избега во Амбасадата на Италија во Каракас.
Подоцна Грасија, заедно со пратеничката Мариела Магалјанез замина за Италија.