Muhammed Emin Canik
02 Мај 2019•Ажурирај: 03 Мај 2019
КАРАКАС (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) за обидот за државен удар, нагласувајќи дека тој бил координиран од советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Еден европски весник вчера напиша дека Доналд Трамп и Џон Болтон пред изгрејсонце ги координирале сите операции на државниот удар. Обидот за државен удар беше координиран лично од Џон Болтон, од Белата куќа“.
Мадуро, во Каракас, во близина на претседателската палата Мирафлорес во центарот на градот, говореше на манифестацијата организирана по повод 1 мај - Денот на трудот и солидарноста.
Мадуро, наведувајќи дека оваа година има висока посетеност на манифестацијата по повод 1 мај - Денот на трудот и солидарноста, рече:
„Мои браќа и сестри работници, на 1 мај, на денот на херојската работничка класа имаше нов обид за државен удар кој повторно не беше успешен. Оваа манифестација што се одржува на 1 мај покажува дека народот на Венецуела по која било цена ќе ги штити татковината и револуцијата. Не успеаја да го соборат командантот Чавез, не успеаја да нѐ соборат и нас, и нема да успеат.“
Претседателот Мадуро нагласи дека граѓаните на Венецуела за својата татковина можат да ги жртвуваат и своите животи.
„Го поразивме еден од заговорите на десницата. Бегаат од една амбасада во друга. Правдата е во потрага по нив, порано или подоцна, ќе лежат во затвор за извршеното предавство и направените злосторства.“
Наведувајќи дека народот и вооружените сили на Венецуела нема да дозволат да се случи државен удар, Мадуро истакна: „Ако некој сака да дојде во Мирафлорес, треба да направи само едно нешто, да победи на изборите со гласот на народот. Ова е единствен пат да се биде претседател на Венецуела. Тука оружјето не може да те донесе на претседателската функција, може само народот, а истиот тој народ може да те симне од таа функција. Во палатата Мирафлорес никогаш нема да биде донесен претседател марионета.“
- „Обидот за државен удар беше координиран од Белата куќа“ -
Претседателот Мадуро, нагласувајќи дека САД се инволвирани во обидот за државен удар во неговата земја, изјави: „Еден европски весник вчера напиша дека Доналд Трамп и Џон Болтон пред изгрејсонце ги координирале сите операции на државниот удар. Ги побарале властите во Чиле, Бразил, Аргентина и Колумбија и побарале поддршка. Обидот за државен удар беше координиран лично од Џон Болтон, од Белата куќа.“
Мадуро, исто така, истакна дека информациите лиферувани од страна на САД дека бил подготвен да ја напушти земјата и дека Русија во последен момент го убедила да не бега, не ја одразуваат вистината.
Венецуелскиот претседател потенцирајќи на важноста на почитувањето на Уставот и законите, рече: „Во наредните денови, за да се информира народот, ќе ги приложам сите докази за тоа како се подготви обидот за државен удар, кој какви заговори направи и како изневери. Се надевам дека правдата ќе ја исполни својата обврска. Ако правдата нареди приведување на сторителите на овој крвав обид и нивно затворање, нема да ми се стресат рацете да го направам тоа.“
- Национален план за промени од Мадуро -
Претседателот Мадуро соопшти дека ќе се примени Национален план за промени за да се слушнат предлозите и жалбите на народот.
„За да ја однесеме земјата напред, го поканувам народот да учествува во Националниот план за промени и дијалог, на 4-5 мај, и да ги пренесе неговите предлози и мислења за тоа што треба да правиме. Го повикувам на посебен состанок Боливарскиот народен конгрес (CPB), кој обединува повеќе од 80 социјални организации. На партискиот конгрес на 4-5 мај, ја повикувам и Обединетата социјалистичка партија. Како последно, во рамките на Националниот план за промени, ги поканувам сите гувернери и градоначалници во земјата да ги презентираат своите приоритети“, истакна венецуелскиот претседател Николас Мадуро.