Şeyma Uzundere
16 Октомври 2021•Ажурирај: 18 Октомври 2021
АНКАРА (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) ветија дека ќе им исплатат отштета на роднините на десетината Авганистанци кои починаа во воздушните напади извршени во август во Кабул, главниот град на Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорникот на Министерството за одбрана (Пентагон), Џон Кирби, рече дека во Министерството се вложуваат потребните напори за да им се помогне на семејствата на Авганистанците кои ги загубија животите обидувајќи се да се преселат во САД.
Кирби кажа дека одлуката да им се исплати отштета на семејствата е донесена по состанокот помеѓу Колин Кахл, потсекретарот за одбранбена политика, и Стивен Квон, основач и претседател на „Nutrition and Education International“ (NEI), хуманитарна организација со седиште во САД во која работел Земари Ахмади, кој почина во нападот.
САД извршија воздушен напад во близина на аеродромот во Кабул на 29 август, кога требаше да заврши процесот на повлекување од Авганистан.
Во нападот починаа десет цивили, вклучително седум деца.
Генералот Кенет Меккензи, командант на Централните сили на САД (CENTCOM), изјави дека ја презел целосно одговорноста за нападот и се извини.
Меккензи претходно кажа дека размислуваат за исплаќање отштета на семејствата на Авганистанците кои загинаа во септември.