ТУНИС (АА) – АБДУЛБАСИТ ЕЗ-ЗАГИБИ/МЕХМЕТ АКИФ ТУРАН -
Остатоците од древниот град Амаедара подолго од два милениума му пркосат на времето и се едни од главните туристички атракции во Тунис, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за град што пред 2.000 години го изградиле римските војници, а се наоѓа во денешниот град Хаидра во близина на границата помеѓу Тунис и Алжир.
Најпрво, Амаедара била изградена во првата деценија од Новата ера како касарна на војската на Римското Царство, а шест децении подоцна била претворена во населба. Со времето станала важен трговски центар со оглед на тоа дека се наоѓала помеѓу римските градови Картагина и Тибеса.

Професорот по Античка историја на Универзитетот во Тунис, Лутфи ал-Недари, за АА кажа дека Амаедара е изградена во периодот на Третата августовска легија и дека имала важна улога во урбанизацијата и изградбата на инфраструктурата на северот од Африка.
„Со археолошките ископувања се откриени имињата на бројни римски претставници и војници кои биле во Амаедара. Касарната е претворена во камп во кој имало околу 6.000 војници, вклучително и воините што од тој африкански регион биле примени во текот на потиснувањето на буната што ја предводел Тикфарин. Урбанизацијата на тоа место започнала во 75 година од Новата ера, а поради положбата за неколку години станала важен центар во тој дел на Африка“, кажа Ал-Недари.
Истакнувајќи дека археолозите откриле дека Амаедара се протегала на површина од 150 хектари, Ал-Недари кажа дека доказите дека мештаните имале државјанство од Римското Царство ја покажуваат важноста на тоа место во тој период, што го потврдува и фактот дека во градот биле сите римски установи, вклучително и црквата и судот.

„Амаедара се развивала брзо. Стандардот за живот бил сè подобар, а во градот се изградени бројни споменици кои биле класични симболи на римските градови. Така во 195 година на источната порта на градот е изграден Триумфалниот лак и тоа во времето на римскиот цар Септимус Северус кој бил со потекло од Африка. Лакот е еден од спомениците што можат да се видат и денес“, рече Ал-Недари.
Археолозите откриле и остатоци од градски плоштад поплочен со камен, трговски продавници, пазари и римски бањи.

„На северот од градот откриени се остатоци на амфитеатар и куќи со украсени фасади. Меѓу најважните документи пронајдени во Амаедара е и картата на островите во Средоземното Море. Станува збор за карта со димензија од 36 квадратни метри на која се исцртани островите од Источниот Медитеран“, кажа Ал-Недари, па додаде дека во градот имало и цркви и тврдина од шестиот век.
Историчарите и археолозите откриле дека во периодот на Византија во Амаедара се зборувал латинскиот јазик, а дека грчкиот се користел во науката и книжевноста.

Адил Сеади од Институтот за национално културно богатство во Хаидра кажа дека археолозите од Тунис и Франција со истражувањето од 2003 и 2004 година откриле дека Амаедара била на најважниот пат што Римјаните го изградиле за да ја спојат Картагина и Тибеса.
„Тука бил и патот што го спојувал регионот со Габес на југоистокот на Тунис. Тој пат бил користен за административни, воени и трговски цели“, рече Сеади.
news_share_descriptionsubscription_contact
