Ekipa
28 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Во оружен напад во синагога во близина на Сан Диего, во сојузната американска држава Калифорнија, загина една жена, додека тројца други се повредени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нападот е извршен врз синагога во градот Повај на последниот ден од еврејскиот празник Пасха, со кој се одбележува бегството на Евреите од Египет за време на божјиот пратеник Мојсеј.
Властите соопштија дека во врска со пукањето уапсен е 19-годишник. Идентификуван е како Џон Ернест. Од канцеларијата на шерифот во округот Сан Диего соопштија дека напаѓачот бил сам.
Претседателот Доналд Трамп говореше за антисемитизмот за време на митингот во Висконсин, неколку часа по пукањето, велејќи дека „срцето на Америка е со жртвите“ на нападот.
„Целата наша нација тагува за загубениот живот, се моли за ранетите и стои во солидарност покрај еврејската заедница. Силно го осудуваме злото на антисемитизмот и омразата, која мора да биде поразена“, рече Трамп.
Пред нападот, писмо со антисемитска содржина било објавено на интернет под корисничкото име Џон Ернест.
Иако во писмото не се спомнува синагогата во која е извршен нападот, тоа говори за убивање на еврејскиот народ.
Писмото е напишано во стил сличен на писмото објавено од Брендон Тарант, извршителот на терористичките напади врз џамиите во Крајстчрч, Нов Зеланд, во кои беа убиени 50 верници.
Полицијата во Ескондидо на социјалните мрежи објави пост во кој се наведува дека властите го испитуваат инцидентот со подметнат пожар што се случи на 24 март во Исламскиот центар во Ескондидо, на помалку од 30 километри од градот Повај.
Одделот на шерифот на Сан Диего соопшти дека ја истражува поврзаноста на Ернест со подметнувањето на пожарот.
Советот за американско-исламски односи (CAIR), најголемата организација на муслиманите во САД, изрази солидарност со еврејската заедница во Сан Диего и низ целата земја.
„Го осудуваме овој вознемирувачки и одвратен напад врз нашите соседи во храмот за обожување, упатуваме сочувство до најблиските на убиените и повредените“, изјави извршниот директор на Советот за американско-исламски односи на Сан Диего, Дастин Краун.