Şenhan Bolelli
28 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
МАДРИД (АА) - Во Шпанија утрово започна гласањето на предвремените општи избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Во демократската историја на Шпанија ова се 13. општи избори. Право на глас имаат 36.893.976 гласачи, од кои 2.093.977 се Шпанци од дијаспората.
На овие избори Шпанија избира 350 пратеници, 208 сенатори и влада која ќе ја води земјата во наредните четири години. Поставени се 212.000 избирачки кутии.
Во соопштението објавено од страна на шпанското Министерство за внатрешни работи се вели дека на целата територија на земјата ангажирани се 93.000 лица, од кои 45.000 припадници на жандармеријата и 30.000 припадници на националната полиција.
На овие избори за првпат правото на глас ќе го искористат 1.157.196 лица кои наполните 18 години и околу 100.000 лица со пречки во психичкиот развој.
Од 2015 година досега ова се трети избори, до кои дојде поради политичката неизвесност во земјата, проблемот со Каталонија, подемот на екстремната десница, корупцијата и невработеноста.
За првпат на овие избори ќе учествува и партијата Вокс, која е претставник на екстремната десница и сепаратистичката Каталонска политичка партија. Постои голема љубопитност колкава ќе биде бројката на освоени гласови што ќе ги добијат овие две партии.
На овие избори како кандидати за пратеници во Парламентот или за сенатори учествуваат и петмина од каталонските политичари на кои им се суди додека се во притвор поради едностраното прогласување на независност на Каталонија по нелегалниот референдум за независност одржан на 1 октомври 2017 година.
Иако анкетите како фаворит на овие избори ја покажуваат Социјалистичката работничка партија на Шпанија (PSOE), која е на власт со малцинска влада, не се очекува социјалистите да имаат доволно пратеници за самостојно формирање на влада.
На овие избори во борбата за премиерската позиција, Педро Санчез, лидерот на Социјалистичката работничка партија на Шпанија и актуелен премиер; Пабло Касадо, лидерот на Народната партија (PP); екстремниот левичар Пабло Иглесијас, лидер на левичарската алијанса Обединети можеме (Unidas Podemos) и Сантијаго Абаскал, лидерот на екстремно десничарската партија Вокс (Vox), своето право на глас ќе го искористат во Мадрид, додека Алберт Ривера, лидерот на централно десноориентираната партија Граѓани (Ciudadanos) ќе гласа во Барселона.
Покрај општите избори во земјата, се гласа и за локалниот Парламент на автономната област Валенсија.
Гласањето во Шпанија ќе трае до 20:00 часот по локално време.