Erdoğan Çağatay Zontur
28 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
КАРТУМ (АА) - Владејачкиот Воен совет и опозицијата во Судан постигнаа договор за формирање нова управа која земјата ќе ја води до следните избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот е постигнат на синоќешниот состанок на делегацијата на Воениот совет и Силите за слобода и промени во кои партиципира суданската опозиција.
Неименуван член на опозициската делегација, за АА изјави дека новата транзициска власт на Судан ќе ја сочинуваат воени и цивилни функционери.
По повеќемесечни антивладини протести, војската на Судан неодамна спроведе државен удар со кој од власта го собори претседателот Омар ал Башир, кој владееше со таа африканска земја од 1989 година.
Војската формираше Воен совет кој би требало да управува со земјата во преодниот период од две години.
Опозицијата се противеше на владеењето на Воениот совет и побара итно формирање цивилна власт во земјата.
Воениот совет и Силите за слобода и промени, која е кровна организација на опозицијата во Судан, претходно договорија формирање заедничка комисија, чија задача е да го утврди процесот на транзиција на цивилната власт.