Ekipa
12 Јули 2016•Ажурирај: 12 Јули 2016
ЏУБА (АА) - Јужносуданскиот претседател Салва Кир и водачот на бунтовниците, некогашниот потпретседател на Јужен Судан, Риек Мачар, повикаа на унилатерален прекин на огнот доцна синоќа во главниот град Џуба, неколку дена по борбата меѓу спротивставените страни, јавува Anadolu Agency (АА).
Судирите ескалираа во главниот град на Јужен Судан во петокот, а резултат од нив се повеќе од 270 мртви и илјадници протерани лица.
Министерот за информации Мајкл Макуе за државната телевизија изјави дека „на сите команданти им е наредено да прекинат со огнот и со какви било непријателства, да ги контролираат своите единици и да ги заштитат цивилите и приватните имоти”.
„Сите команданти се распоредени на контролни точки во Џуба, а нивниот број ќе се намали на оние најважните”.
„Сакам да објавам декларација за унилатералниот прекин на огнот”, изјави Мачар, пренесе американското радио „Ај“ (Eye), и додаде: „Им порачувам на сите едници што се бореа, бранејќи се, да го почитуваат прекинот на огнот и да останат на позициите на кои се наоѓаат”.
Јужен Судан се опоравува од двегодишната граѓанска војна откако претседателот Салва Кир го обвини Риек Мачар, поранешниот потпретседател што кренал побуна против него, за обид за државен удар во 2013. Новите судири избија во петокот, помеѓу силите лојални на двајцата споменати водачи.
Судирите избија околку два месеца по формирањето на транзициската влада на националното единство.
Во соопштението објавено во понеделникот, генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун порача дека е шокиран од ескалацијата на насилствата во Џуба и упати барање до двајцата водачи да го запрат насилството.
Американскиот Стејт департмент го поздрави унилатералниот прекин на огнот, кој стапи на сила во шест часот по локално време, како и посветеноста на Мачар опозицијата да го стори истото.