Ekipa
12 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
ПЕКИНГ (АА) - Вкупно 10 лица загинаа додека 11 други се водат за исчезнати откако тропска бура го погоди источниот дел на Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
Државниот медиум „Пиплс дејли онлајн“ денес објави дека тропската бура Непартак, која пристигна во текот на викендот, предизвика и материјална штета во округот Минкинг (Minqing) во Фуџиан, една од најмногу погодените покраини. Штетата се проценува на околу 320 милиони долари.
Претставник на локалната власт соопшти дека околу 34.000 лица се евакуирани од Минкинг, кои заедно со другите евакуирани лица во покраината Фуџиан даваат вкупен број од 213.000.
Министерството за цивилни прашања претходно соопшти дека во покраината Фуџиан и во соседната покраина Џангси, погодени се околу 449.000 лица.
Непартак беше намален од категорија на тајфун на тропска бура во пероиодот кога го погоди источниот брег на Кина во саботата напладне.
Пред да стигне до копното, Непартак помина низ Тајван, чиешто Министерство за здравство и социјална заштита соопшти дека загинале две лица, а над 300 се повредени.
Копнениот дел на Кина ја очекуваше тропската бура на која ѝ претходеа поројни врнежи во кои животот го загубија најмалку 160 лица.