20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
ЊУЈОРК (AA) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Бан Ки-мун предупреди дека состојбата во Јужен Судан оди кон геноцид и повика итно да се воведе ембарго на оружјето во таа источноафриканска држава, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бан предупреди дека нестабилноста на Јужен Судан му се заканува на целиот регион и го повика Советот за безбедност да воведе ембарго на оружјето што би го намалило капацитетот на сите страни да војуваат.
„Доколку не реагираме, Јужен Судан оди во насока кон масовни злосторства“, порача Бан.
По прогласувањето независност од соседен Судан во 2011 година, се веруваше дека во Јужен Судан ќе биде воспоставен мир и стабилност, меѓутоа, етничкото насилство во таа земја ескалираше кон крајот на 2013 година кога силите лојални на претседателот Салва Кир, кој потекнува од етничката група Динка, им се спротивставија на силите лојални на Риек Мачар, поранешен претседател со потекло од групата Нуери.
Спогодбениот договор меѓу двете спротивставени страни е постигнат во август 2015 година, но судирите се продолжени. Стотици илјади луѓе оттогаш се убиени, а пак 3,1 милиони жители беа принудени да ги напуштат своите домови.
Шефот на хуманитарниот оддел на ОН, Стефен О’ Брајан исто така предупреди дека ситуацијата во Јужен Судан драматично се влошува.
Според неговите зборови, оваа година 6,1 милиони граѓани на Јужен Судан, што е половина од популацијата, имаа потреба од хуманитарна помош.
„Проценуваме дека во Јужен Судан еден милион деца на возраст под пет години се акутно неухранети“, рече О’ Брајан.
ОН минатата недела соопшти дека Јужен Судан е на работ на севкупна етничко-граѓанска војна.
Специјалниот претставник на ОН за превенција на геноцид, Адам Деинг по неговата последна посета на таа земја изјави дека е огорчен од ситуацијата во Јужен Судан.
„Не постои нешто што е поитно од тоа да се превенира она што таму се случува“, порача Диенг.