АНКАРА (АА) - Од 2011 досега, поради намалувањето на врнежите, Јужен Судан се соочува со суша којашто заедно со политичката нестабилност и внатрешните насилни судири, се причина за глад во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Особено северните подрачја на земјата се под влијание на сушата и недостатокот на храна, од кои се погодени околу 5 милиони луѓе.
Жителите на Јужен Судан не можат своите основни потреби од храна и лекови да ги обезбедат во својата земја, па се принудени да мигрираат во соседните земји.

Повеќе од 1,5 милиони мигранти од оваа земја се засолнија во соседството на Јужен Судан. Се стравува дека гладот од кој се погодени повеќе од половина жители на земјата, може да се прошири, бидејќи во Јужен Судан не пристигнува помошта во храна од меѓународната заедница.
Веќе 2 години, Уганда е домаќин на 698.000 мигранти од Јужен Судан, во Етиопија има 342.000, Судан 305.000, Кенија 89.000, додека во Демократска Република Конго престојуваат 68.000 мигранти.
- Граѓанската војна ја отежнува економијата -
Поради политичката нестабилност во земјата, повеќе од 50.000 лица загинаа во граѓанската војна што продолжува во Јужен Судан, што е причина најголемиот дел од приходите на земјата се трошат за одбраната и за армијата.
Според истражувањата спроведени од страна на Обединетите нации (ОН), Јужен Судан поседува армија двојно поголема од нејзините потреби. Значаен дел од државниот буџет се одделува за армијата, со што од економски аспект, уште повеќе се отежнува животниот стандард на народот на Јужен Судан.
Ваквата ситуација, од друга страна, е пречка за инвестирање на државата во здравството, земјоделството и во образованието, а борбата со недостатокот на храна и со гладот е речиси невозможна.
- Јужен Судан е богат со нафта -
Јужен Судан во 2011 година прогласи независност, одвојувајќи се од Судан. Иако економијата на Јужен Судан се темели на приходите од нафта, во земјата нема инфраструктура и објекти за обработка на произведената нафта. Земјата сѐ уште е врзана за Судан околу обработката на суровата нафта. Покрај тоа, во Јужен Судан кој е богат со нафта, располага со големи кинески инвестиции.
Јужен Судан е богат со подземни извори и со обработливо земјиште, но народот со тешкотија пронаоѓа храна и вода. Во моментов околу 4,9 милиони луѓе во земјата очекуваат итна помош.
Од друга страна, Светската програма за храна (WFP), во 2015 година предупреди дека на Јужен Судан му се заканува суша.
ОН соопшти дека во Јужен Судан „владее глад предизвикан од човечки фактор“. ОН наведува дека граѓанската војна е причината поради којашто народот, кој воглавно се занимава со земјоделие, останал без работа и потрошени се сите ресурси.
Во некои подрачја луѓето се обидуваат да преживеат јадејќи лисја од дрвјата.
- Се зголемува бројот на апелите за борба со недостатокот на храна -
Портпаролот на Службата за координација на хуманитарните прашања на ОН, Јенс Ларке, изјави дека поради сушата, повеќе од 20 милиони луѓе во Јужен Судан, Нигерија, Сомалија и во Јемен се борат со глад. Тој изјави дека за решавање на оваа криза, потребна е помош во висина од 4,4 милијарди долари.
Фондот за помош на децата во ОН (УНИЦЕФ) објави извештај под наслов „Изминува времето“, во кој се истакнува дека е потребна помош за спас на 22 милиони деца во Јужен Судан, Сомалија, Нигерија и во Јемен. Во извештајот се вели дека околу 22 милиони деца во овие земји се раселени, гладни и болни.
Во извешајот се вели дека околу 1,4 милиони деца се соочуваат со ризик од смрт поради глад. Во продолжението на извештајот се наведува дека на децата треба да им се достави итна помош, за што се потребни 255 милиони долари.
Во Јужен Судан, по добивањето на независноста и одвојувањето од Судан, за претседател на државата е избран Салва Кир Мајардит, кој на 16 декември 2013 година, поради тврдењето дека се обидел да изврши државен удар, го смени својот заменик Риек Мачар, по што започна граѓанската војна во земјата. Во граѓанската војна животот го загубија околу 50.000 лица, додека милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.
Владата на Јужен Судан и меѓународните организации на 20 февруари 2017 година објавија дека поради сушата во земјата и недостатокот на храна, околу 5 милиони луѓе ќе се соочат со опасност од глад.