Burak Bir
12 Август 2025•Ажурирај: 13 Август 2025
ЛОНДОН (АА) – Полска во изминатите три дена забележа над 550 обиди за нелегално преминување на границата од соседна Белорусија, што предизвика страв од нова миграциска криза, јавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Полската гранична служба вчера соопшти дека во периодот од 9 до 11 август во источниот регион Подласки биле документирани повеќе од 550 обиди за нелегален премин од Белорусија, пренесе државниот емитер ТВП Ворлд.
Според официјалните лица, обемот и насилството при овие премини се зголемиле, при што мигрантите фрлаат Молотови коктели врз граничните полицајци и војниците.
На видеоснимка објавена од службата се гледаат неколку лица како се искачуваат на петметарската ограда, пред да бидат сопрени од патролите.
„Неколкупати имаше агресивни дејствија од лицата од другата страна на техничката бариера – мигрантите фрлаа камења и гранки кон полските патроли“, објави полската гранична служба на Х.
Варшава ја обвинува Белорусија и нејзиниот сојузник Русија за создавање гранична криза со цел дестабилизација на Полска и ЕУ и сугерира дека од средината на 2021 година, Белорусија им помага на мигрантите од Блискиот Исток и Африка да стигнат до Полска - а со тоа и до ЕУ - преку шумските и мочурливи области на североисточна Полска.
Во јули 2024 година, полскиот Парламент усвои закон со кој се отстранува кривичната одговорност за униформираните лица кои користат огнено оружје на источната граница. Ова следуваше по два инцидента – во јуни 2024 година, кога еден војник почина откако беше прободен со нож од мигрант, а во другиот случај, воената полиција уапси двајца војници за испукување предупредувачки истрели кон мигрантите.