Besar Ademi
08 Март 2016•Ажурирај: 09 Март 2016
ИДОМЕНИ/ГЕВГЕЛИЈА (АА) – Во Центарот за бегалци во Идомени, околу 15 илјади бегалци сè уште чекаат да ја преминат границата, а претставниците на УНХЦР велат дека македонската граница е затворена од вчераутро, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот на УНХЦР во Идомени, Бабар Балоч за АА изјави дека нема подобрување на состојбата на бегалците во Идомени, дека секој изминат ден таа се влошува, тој додаде дека бројот од околу 5 илјади деца во кампот ја прави состојбата уште потешка. Балоч рече дека Центарот во Идомени се соочува со голема хуманитарна криза.
„Македонската граница од вчераутро е затворена и оттогаш во Македонија нема влезено ниту еден бегалец. Немаме информации до кога границата ќе остане затворена. Бегалците не знаат дека границата е затворена и секој ден продолжуваат да доаѓаат тука со надеж дека ќе го продолжат своето патување понатаму”, рече Балоч.
Во врска со Самитот во Брисел меѓу ЕУ и Турција, Балоч изјави дека ја поздравуваат одлуката да ѝ се помогне на Турција финансиски, каде што се наоѓаат околу 3 милиони бегалци како земја која е најмногу погодена бегалската криза.
Балоч истакна дека на Самитот требало да се разговара и за повторното населување на бегалците, за кое Европската Унија најави дека во текот на следните две години ќе прими само 20 илјади бегалци. Тој кажа дека бројот на бегалците е многу поголем од бројот кој е предвиден да биде прифатен во земјите од Европската унија.
Од друга страна, координаторката на УНХЦР на јужната граница на Македонија, Барбара Клози, за АА потврди дека границата на Македонија е затворена од раните утрински часови вчера, додека последниот воз за Табановце заминал со 437 бегалци вчера во 8:00 часот изутрина.
Таа изјави дека во Табановце ситуацијата продолжува да се влошува, бидејќи Центарот за бегалци нема капацитет за повеќе од илјада бегалци кои чекаат да влезат во Србија.
„Ситуацијата со бегалците во Табановце е многу тешка. Таму се наоѓаат 1.044 бегалци и престојуваат во многу тешки услови, бидејќи капацитетот на Центарот не е доволен. Сите страни се обидуваат да дадат сè од себе за да се обезбедат потребите на бегалците, кои веќе неколку дена не им се дозволува влез во Србија”, рече Клози.
Од грчка страна, ситуацијата на бегалците во Идомени продолжува да се влошува. Тие мора да се справат со шаторите полни со вода, со нечистотијата и калта која ги опкружува, обидувајќи се да ги исушат своите алишта меѓу тенките гранки на дрвјата, но и покрај тешките услови тие се решени да продолжат понатаму.
Хуманитарните организации велат дека тие не се во состојба да им ги обезбедат сите потреби, заради преголемиот број бегалци во кампот и алармираат дека поради лошите временски услови во Идомени, ситуацијата би можела да стане уште полоша.