Ahmed Asmar
20 Август 2024•Ажурирај: 21 Август 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 16.480 палестински деца се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година, соопштија вчера локалните власти, јавува Анадолу.
„Меѓу жртвите има 115 бебиња“, изјави за Анадолу Исмаил ал-Савабите, генерален директор на владината Канцеларија за медиуми во Газа.
Според него, 35 палестински деца починале од неисхранетост и дехидрација за време на израелската блокада на енклавата.
„Најмалку 3.500 деца во Газа се соочуваат со ризик од смрт поради недостаток на храна и неисхранетост поради израелските ограничувања за испорака на храна во Газа“, предупреди Ал-Савабите.
Тој додаде дека повеќе од 17.000 деца ги загубиле своите родители или барем еден од родителите коишто биле брутално убиени од израелските окупаторски сили.
Со месеци меѓународните агенции и агенциите на Обединетите нации предупредуваат на негативното психолошко влијание врз палестинските деца од разорната офанзива на Израел во Газа.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека бројот на убиени Палестинци во нападите на израелската армија врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година се зголеми на 40.139.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Појасот Газа на 7 октомври 2023 година.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион раселени Палестинци побараа засолниште од војната пред тој да биде нападнат на 6 мај.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.