Haydar Hadi
15 Октомври 2017•Ажурирај: 16 Октомври 2017
БАГДАД (АА) - Советот за национална безбедност на Ирак предупреди дека во Киркук може да бидат ангажирани исклучиво официјалените вооружени групи на Ирак, и дека присуството на терористите на ПКК во тој град е еден вид објава на војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Со седницата на Советот денеска во Багдад претседаваше премиерот на Ирак, Хајдар ал-Абади, а од неговиот кабинет е соопштено дека Советот како неприфатливо го оценил тоа што владејачките курдски партии (КДП и КЈБ), носат во градот терористи на ПКК.
Советот го потврди ставот дека неодамнешниот нелегитимен референдум за независност на Регионалната курдска управа е многу опасен и е неприфатлив, како и тоа дека тој не е во интерес на курдскиот народ, туку исклучиво во интерес на хегемонистичкиот круг во регионот.
„Вооружените сили на Регионалната курдска управа претставуваат закана. Тие се обидуваат да го натераат некурдското население да го напушти регионот и изведуваат провокативни активности. Целта на ова е обид Ирак да се воведе во меѓуетничка војна и на крајот да се формира моноетничка држава“, се наведува во соопштението.
Од Советот за национална безбедност на Ирак исто така е соопштено дека ирачките сили и силите што ги водат локалните институции на власта и понатаму ќе вршат контрола во регионите со нерешен статус, како што е случајот со Киркук.