Ömer Koparan,Eşref Musa,Levent Tok,Burak Karacaoğlu,Mohamad Misto
22 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
АФРИН/ИДЛИБ/АЗАЗ (АА) - Турските вооружени сили зазедоа 11 точки и воспоставија сигурна основа за продолжение на операцијата „Маслинова гранка”, која е започната со цел ослободување на Африн кој е под окупација на терористичката организација ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортери на АА од теренот јавуваат дека турските сили и припадниците на опозициската Слободна војска на Сирија (ССА) од почетокот на копнените операции ова утро зазедоа вкупно 11 села и брда и влегоа во Африн од неговата северна, северозападна и западна страна
Борците на Слободната војска на Сирија на жителите на ослободитените села им дадоа гаранции дека ќе бидат сигурни во продолжението на операцијата која за цел има неутрализирање на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во тој регион.
„Вие сте наши пријатели, наше семејство. Дојдовме да го запреме насилството на кое бевте изложени. Терористите на ПЈД/ПКК се наши заеднички непријатели”, порача командантот на Слободната војска на Сирија во видеопораката до жителите на ослободените села на периферијата од Африн.
Жителите на ослободените села во Африн со порака на единство и добродојде ја дочекаа Слободната војска на Сирија.
Турските копнени сили и борците на Слободната војска на Сирија при ослободувањето на првите места во Африн не наидоа на жесток отпор, а во регионот Раџу се заробени неколку терористи на ПЈД/ПКК.
Турската артилерија и воздухопловните сили и денеска ги гаѓаа терористичките позиции и им даваа значителна поддршка на копнените сили во Африн.
Од друга страна, терористите на ПЈД/ПКК изведуваат напади врз цивилите во тој регион. Еден таков напад изведоа од Африн врз периферијата на соседен Азаз и убија најмалку двајца цивили.
Слободната војска на Сирија во овие моменти се подготвува за нови акции од Азаз. Во продолжувањето на операцијата ‘Маслинова гранка’ се очекуваат нови напади и влегување во Африн од Исток.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.