Muhammed Bilal Kenasari
22 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Џим Матис, изјави дека загриженоста на Турција за безбедноста е легитимна и дека Турција во тој контекст била отворена и ги предупредила САД пред почетокот на воздушните напади во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Матис, во разговор со американските новинари на летот, за време на посетата на Југоисточна Азија, коментираше за актуелните случувања во Сирија и воената операција „Маслинова гранка“ која ја започнаа турските вооружени сили во саботата, против терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во Африн.
„Турција е важен сојузник во НАТО и таа има легитимна загриженост кога станува збор за нејзината безбедност“, рече Матис.
Матис истакна дека американските војници во регионот не се изложени на ризик кога станува збор за воената операција која ја спроведуваат турските сили во северозападниот регион Африн.
Турските сили во саботата ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“ во Африн, со цел воспоставување на безбедност во пограничното подрачје, неутрализација на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, ослободување на територијата која под окупација ја држат терористите и спас на братскиот народ на тоа подрачје.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година, без судири им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат од 8 000 до 10 000 илјади терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија. ПКК од средината на 1980-те години води терористичка кампања против Турција, и досега во тие терористички напади животот го загубија околу 40 000 лица.