Ekipa
21 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
СОЛУН (АА) - Повеќе десетици илјади Грци се собраа во северниот грчки град Солун и побараа од соседна Македонија да го промени своето име, бидејќи, како што велат тие, тоа е истото име и на северната грчка област со главен град Солун, пренесува Anadolu Agency (AA).
На протестот присуствувале граѓани од сите страни на Грција, а најмногу од северниот дел од оваа земја. Меѓу демонстрантите биле и пратеници од најголемата опозициска партија Нова демократија.
Протестите се случуваат во време на обновени преговори помеѓу Македонија и Грција со цел решавање на спорот со името.
По одржаните преговори за спорот околу името, кои на 17 јануари се одржаа во Њујорк, личниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Метју Нимиц, на делегациите на двете земји им доставил пет предлози за името.
Според македонските медиуми цитирани од страна на грчките медиуми, предложените имиња пред кои стои зборот „Република“ се: Нова Македонија, Северна Македонија, Горна Македонија, Вардарска Македонија и Македонија (Скопје).
Иако Нимиц изјави дека процесот се одвива во вистинска насока, преговарачот за Македонија, Васко Наумовски, ги отфрли предлозите претставени од медијаторот на ОН, сметајќи ги за „далеку од достоинствено решение“.
Исто така, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во четвртокот за време на својот говор во Парламентот на Р. Македонија изрази поддршка кон напорите на Македонија за членство во НАТО, а на заедничката прес-конференција со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, Столтенберг изјави дека Македонија не може да стане дел од НАТО без да се реши спорот со името.
Грција и Република Македонија се во спор околу името уште откако Македонија прогласи независност од Југославија во 1991 година. Земјата, официјално, во меѓународните организации, фигурира како Поранешна Југословенска Република Македонија.