Faruk Zorlu
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија дека пресретнале и уништиле балистичка ракета истрелана од јеменските бунтовници Хуси, додека во официјална посета на земјата престојувал израелскиот претседател, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Воздушната одбрана на ОАЕ пресретна и уништи балистичка ракета истрелана од терористичката група на Хусите кон земјата“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана објавено преку Твитер.
Министерството истакна дека од нападот нема предизвикана штета, додаде дека остатоците паднале во ненаселена областа и дека нема жртви.
Нападот се случи истата вечер кога израелскиот претседател Исак Херцог се сретна со престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Мухамед бин Зајид ал Нахјан на неговата прва официјална посета на Обединетите Арапски Емирати како шеф на држава.
Херцог нема да ја прекине посетата, рече портпаролот Ејлон Леви за Агенција Анадолија, додавајќи дека „се очекува посетата да продолжи според планираното“.
Во Јемен владее насилство и нестабилност од 2014 година, кога бунтовниците Хуси, поддржани од Иран, зазедоа голем дел од земјата, вклучително и главниот град Сана.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која има за цел враќање на власт на јеменската Влада, ја влоши ситуацијата, предизвикувајќи една од најлошите хуманитарни кризи во светот. На околу 80 проценти, или на 30 милиони луѓе, им е потребна хуманитарна помош и заштита, а повеќе од 13 милиони луѓе се на работ на изгладнување, се проценките на Обединетите нации (ОН).