Burak Bir
30 Јануари 2022•Ажурирај: 31 Јануари 2022
АНКАРА
Канада во саботата објави дека планира да именува посебен претставник за борба против исламофобијата како дел од антирасистичката стратегија на земјата, пет години по смртоносниот напад во џамијата во Квебек, известува Агенција Анадолија (АА).
„Оваа година, во очи на петгодишнината на овој терористички акт, Владата на Канада стои покрај и ја поддржува муслиманската заедница низ целата земја и ја потврдува својата посветеност да преземе мерки на осуда и борба против исламофобијата и насилството поттикнато од омраза“, се вели во соопштението на Владата на Канада.
Нагласувајќи дека исламофобијата е реалност за муслиманите низ Канада и светот, се наведува дека се неопходни изградба на инклузивна земја и борба против дискриминацијата.
„Именувањето на посебен претставник... ќе биде дополнителен чекор во работата на Владата во рамките на канадската антирасистичка стратегија во борбата против исламофобијата во сите нејзини облици“, се наведува во соопштението и се додава дека тоа е препорачано во текот на Националниот самит за исламофобија одржан во јули 2021 година.
Споделувајќи го ова соопштение на социјалните мрежи, премиерот Џастин Трудо ја истакна потребата да ѝ се стави крај на исламофобијата во земјата.
„Исламофобијата е неприфатлива. Точка. Мораме да ставиме крај на оваа омраза и да ја направиме нашата заедница побезбедна за Канаѓаните муслимани. Од таа причина е потребно именување посебен претставник за борба против исламофобијата“, наведе тој.
Канада минатата година го прогласи 29 јануари за национален ден на сеќавање на 2017 година, кога во пукотниците во џамијата во Квебек беа убиени 6 лица, а 19-мина беа ранети.