ЛОНДОН (АА) - ХАСАН ЕСЕН -
По нападите со чекан на џамиите во Бирминген и поради порастот на нападите, муслиманите во Велика Британија бараат од Владата на таа земја да ги преземе потребните чекори во борбата против исламофобијата, јавува Anadolu Agency (AA).
„По нападите на џамиите во Нов Зеланд, во Велика Британија се зголемени исламофобичните напади“, велат податоците од невладината организација „Tell Mama“, која ги следи активностите што се спроведуваат против муслиманите во таа земја.
Од 15 до 21 мај од 95 забележани случаи, во 85 се работи за директна терористичка закана.
По нападите во близина на џамијата во Финсбери парк од 2017 година, кога со камион беше убиено едно лице, имамот Мухамед Махмуд е прогласен за херој, бидејќи тогаш ги смирил локалните муслимани. Махмуд е имам на џамија во источниот дел на Лондон.
„Очигледно, проблемот на исламофобијата повеќе не е апстрактен проблем“, порача Махмуд, наведувајќи дека исламофобијата не се однесува само на говорот на омраза, туку и на кампања и редовни напори насочени кон поттикнување на насилство врз муслиманите од Велика Британија, Европа, па до Нов Зеланд.
Земајќи ја предвид големината на проблемот, Махмуд изјави: „Исламофобијата не е ограничена на она што го прават неколкумина, туку станува збор за кампања која го оправдува убивањето на оние кои не ги гледаат како човечки битија“.
Тој смета дека таков случај е неодамна забележан во Нов Зеланд. Имамот потсети дека жртвите од нападот во Нов Зеланд биле на возраст од три до 71 година и дека се убиени без никаква милост или светост за човечкиот живот.
„Тоа може да го стори само некој кој не ги гледа муслиманите како човечки битија“, изјави Махмуд.
Тој истакна дека муслиманите се плашат да не се случи сличен напад и во Обединетото Кралство.
Смета дека првата работа која Владата мора да ја стори е да признае дека исламофобијата не е мал проблем, туку голем проблем, кој влијае на безбедноста на над три милиони муслимани во Велика Британија. Имамот Махмуд, исто така, ја нагласи потребата да се издвои доволен буџет за да се осигура безбедноста на загрозените заедници, како што се муслиманите во таа земја.
Тој нагласи дека говорот на омраза не може да биде прифатен во ниту едно цивилизирано општество.
Дека е зголемена исламофобијата и омразата кон муслиманите во Европа, смета и Абдула Фалик од фондацијата Куртуба.
„Она што се случи во Нов Зеланд е предупредување. Мислиме дека Владата би требало да работи со муслиманите и другите заедници за да го реши тој проблем“, предупреди Фалик.
Тој смета дека меѓу муслиманите постои страв, но дека стравот нема да влијае, ниту да го контролира нивниот живот.
Муслиманите во Обединетото Кралство, по терористичкиот напад извршен на 15 март 2019 година на џамиите во Нов Зеланд, бараа зајакнување на безбедноста на џамиите.
Минатиот месец во Лондон две лица беа цел на исламофобични или екстремно десничарски напади.
Кон крајот на март шест џамии во британскиот град Бирмингем беа цел на напади со чекан, а во април минатата година двајца мажи беа повредени кога автомобил удри во пешаци во непосредна близина на џамиите во англискиот град Бирмингем.
news_share_descriptionsubscription_contact
