Riyaz ul Khaliq
10 Април 2019•Ажурирај: 15 Април 2019
АНКАРА (АА) - Јапонски воен авион „F-35A“ се урна денес во водите на Тихиот Океан откако исчезнал од радарот, за време на тренинг-лет, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ова е втор инцидент во којшто авион „F-35“, еден од најнапредните авиони во светот, е изгубен во несреќа. Во септември минатата година, американски авион „F-35B“ се урна во Бифорт, Јужна Каролина.
„Авионот едносед исчезна 135 километри источно од воздухопловната база „Мисава“ во североисточната јапонска префектура Аомори, од каде што полета околу 19 часот, денес, за изведување борбена вежба воздух-воздух. Пилотот (во своите 40-те) е со чин мајор“, јапонската новинска агенција „Кјодо“ го пренесе соопштението на јапонското Министерство за одбрана.
Пилотот, по кој сè уште се трага, испратил сигнал за опасност пред авионот да се изгуби од радарот.
Јапонскиот министер за одбрана, Такеши Иваја, потврди дека јапонската Крајбрежна стража, потпомогната од американските сили, пронашла делови од опашката на воениот авион недалеку од брегот на североисточна Јапонија.
Воениот авион е еден од 13-те авиони „F-35A“ што ги поседува Јапонија, стационирани во воздухопловната база „Мисава“.
Токио соопшти дека ќе купи 147 авиони „F-35“ од „Lockheed Martin“, вклучувајќи 42 авиони „F-35B“, со полет од кратка писта и вертикално слетување на авионот.
Турција, исто така, има договор за купување на авиони „F-35“ од Вашингтон, а некои од авионите веќе се испорачани, но договорот се соочи со противење поради планот на Турција за купување на руските системи за противракетна одбрана.