Elena Teslova
10 Април 2019•Ажурирај: 12 Април 2019
МОСКВА (АА) - „Русија е отворена за испорака на повеќе системи за воздушна одбрана „S-400“ за Турција“, соопшти денес портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, јавува Anadolu Agency (AA).
Неговата изјава дојде откако Турција најави дека е можно да порача уште системи „S-400“ од Русија во случај Соединетите Американски Држави (САД) да одбијат да ѝ ги продадат ракетните системи „Патриот“.
„Русија е отворена, Русија ги има соодветните можности, технолошка компетентност и, секако, Русија бара можности за проширување на оваа воено-техничка соработка. Ова е апсолутно нормален процес“, изјави Песков за новинарите во главниот град Москва.
Вашингтон негодуваше за купувањето на рускиот систем „S-400“ од страна на Турција, и минатата недела ја прекина испораката на делови и услуги за воените авиони „F-35“.
Американски официјални претставници предложија Турција да го купи американскиот ракетен систем „Патриот“, наместо „S-400“, потенцирајќи дека тој систем не е компатибилен со системите на НАТО и дека ќе ги изложи авионите „F-35“ на можно руско преземање на доверливи сегменти.
Турција одговори дека одбивањето на САД да ѝ го продадат системот „Патриот“ ги принудило надлежните да побараат други понудувачи, додавајќи дека Русија понудила подобар договор, вклучително и трансфер на технологијата.