Barry Ellsworth
04 Март 2024•Ажурирај: 06 Март 2024
ТРЕНТОН (АА) - Стотици демонстранти во Торонто ја спречија работната вечера што канадскиот премиер Џастин Трудо ја планираше со италијанската премиерка Џорџија Мелони, која беше во посета на Канада, јавува Анадолу.
Приемот требаше да се одржи во Уметничката галерија Онтарио во Торонто, но премиерите Трудо и Мелони и други официјални лица беа спречени да влезат во зградата.
„Поради безбедносни причини настанот е откажан“, соопштија од Кабинетот на премиерот на Канада за канадскиот Си-би-си њуз.
Пред зградата имаше околу 200-300 демонстранти, а полицијата не соопшти дали некој е уапсен.
Како и на другите пропалестински протести, насобраните рекоа дека Канада и Трудо го финансираат геноцидот во Газа.
Претходно Канада повика на прекин на огнот во палестинската енклава, но премиерот Трудо и понатаму смета дека Израел има право да се брани.
Палестинското Министерство за здравство во неделата објави дека бројот на загинати во израелските напади врз Газа достигнал 30.410.