Riyaz Khaliq Khaliq
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - По пет дена интензивни операции на пребарување, не е пронајден преживеан од падот на кинескиот авион со 132 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Спасувачките активности сѐ уште траат, досега не се пронајдени преживеани“, изјави Жу Тао, челникот на канцеларијата за воздухопловна безбедност при кинеската Управа за цивилно воздухопловство.
Авионот „Боинг 737-800“ со 123 патници и 9 члена на екипажот, леташе во понеделникот од Кунминг за Гуангжу, Кина, кога се урна во планинското подрачје во близина на источниот град Вужоу.
„Во моментов, активностите за пребарување и спасување сè уште се најважната работа, а тимот за пребарување ги прегледува снимките од камерите и разговара со очевидците, сè со цел да собере дополнителни информации“, рече официјалниот претставник, според вестите на државниот телевизиски канал ЦГТН (CGTN).
Авионската несреќа предизвика шумски пожар кој набрзо беше изгаснат, но нерамниот терен и врнежите од дожд ја отежнаа потрагата.
Лиу Ксијаодонг, портпаролот на „Чајна истер ерлајнс“, рече: „Комуникацијата беше нормална до губењето на сигналот на летот, а членовите на екипажот не испратија никакви кодови за итни случаи.“
Кинеските власти мобилизираа над 7.000 луѓе, 200 возила, 5 хеликоптери и друга опрема за операции за пребарување и спасување.
Една од двете црни кутии од летот, снимачот на летот, која може да ги открие причините за падот, е пронајдена, но наводно е многу оштетена.
Авијациските претставници, исто така, рекоа дека временските услови не биле опасни кога се урнал авионот. Летот одржувал нормална комуникација со контролата на летање до ненадејниот пад.