Неколку деца се здобија со тешки изгореници, убиени најмалку 26 Палестинци во израелски напади врз Појасот Газа
- Според медицински извори, најмалку 26 Палестинци загинаа, а десетици беа повредени во новиот бран воздушни напади на израелската Армија врз различни делови на Газа.

ГАЗА (АА) - Неколку деца се здобија со тешки изгореници по израелскиот воздушен напад врз областа Ал-Маваси кај градот Хан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Повредените деца беа пренесени во болницата Насер, додека израелските напади врз опколената енклава продолжуваат да предизвикуваат тешки цивилни жртви.
Според медицински извори, најмалку 26 Палестинци загинаа, а десетици беа повредени во новиот бран воздушни напади на израелската Армија врз различни делови на Газа.
Медицински извор изјави дека пет лица го загубиле животот, а повеќе други биле повредени кога израелско беспилотно летало погодило шатор што засолнувал раселени цивили во Ал-Маваси, во градот Хан Јунис.
Сведоци јавуваат дека во израелско артилериско гранатирање биле запалени палестински имоти во областа Кизан Абу Рашван, во истиот град.
Во Абасан ал-Кабира, источно од Хан Јунис, палестинските медицинари ги извлекле телата на шест загинати по израелски напад. Палестинска жена исто така била убиена во израелски напад во истата област.
Шест лица кои се обидувале да стигнат до храна загинале, а десетици се повредени од израелски оган во близина на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош во северна Рафа, соопштија медицински извори.
Во бегалскиот камп Нусејрат, во централна Газа, биле убиени уште две лица, а неколку се повредени. Друго беспилотно летало погодило дом во кампот, при што се убиени двајца Палестинци, меѓу кои и едно дете.
Во кампот Бурејџ, исто така во централна Газа, израелската Армија отворила оган врз еден дом, при што е убиен еден Палестинец.
Во северниот дел на Газа, три лица, меѓу кои едно дете, се убиени во одвоени израелски напади врз градот Газа, според медицински извори.
Израелската Армија, одбивајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, продолжува со жестоката офанзива врз Појасот Газа од октомври 2023 година. Според последните податоци, досега се убиени речиси 56.000 Палестинци, од кои најголем дел се жени и деца.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за војната во енклавата.