Dilara Hamit
17 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и папата Франциск денес остварија телефонски разговор за тековните напади на Израел врз палестинските територии, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За време на разговорот, според соопштението на Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство, Ердоган нагласил дека врз Палестина се врши злосторство, додавајќи дека израелските напади не се само против Палестинците, туку и против сите муслимани, христијани и против човештвото.
Освен блокирањето на пристапот до џамијата „Ал-Акса“ и Базиликата на Светиот гроб, ограничувањето на слободата за богослужение, убивањето невини цивили на палестинските територии, кршењето на човечкото достоинство, Ердоган рече дека окупаторски Израел ја загрозува и регионалната безбедност.
Турскиот претседател посочи дека целото човештво треба да се обедини против незаконските и нехумани постапки на Израел, кои исто така го нарушуваат статусот на Кудс (Ерусалим).
Истакнувајќи дека меѓународната заедница треба да му даде на Израел заплашувачки одговор, лекцијата што ја заслужува, и да преземе конкретни чекори во таа насока, Ердоган рече дека Палестинците ќе продолжат да бидат убивани сè додека меѓународната заедница не го казни Израел, кој има извршено злосторства против човештвото.
Ердоган нагласил дека Турција спроведува интензивна дипломатија на сите релевантни меѓународни платформи, особено во ОН, но дека Советот за безбедност на Обединетите нации не го покажува потребното чувство на одговорност.
За израелските напади врз Палестинците, турскиот претседател рекол дека континуираните пораки и реакции на папата Франциск во врска со израелските напади врз Палестинците ќе помогнат за мобилизирање на христијанскиот свет, како и на меѓународната заедница.