Dmitri Chirciu
17 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е загрижена поради нападите на Израел врз канцелариите на светските медиуми во Појасот Газа и поради зголемувањето на бројот на жртвите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Песков, во изјавата за медиумите во главниот град Москва, се осврна на нападите на Израел врз Палестинците во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и Појасот Газа.
Истакнувајќи дека неконтролираната ескалација на тензиите во врска со палестинското прашање е опасна, Песков рече: „Загрижени сме поради нападите на израелското воено воздухопловство врз светските медиуми во Појасот Газа и поради зголемувањето на бројот на убиени цивили.“
Песков, истакнувајќи дека безбедносниот систем во регионот на Блискиот Исток е кревок, нагласи: „Важно е да не дозволите настаните во регионот да се претворат во сценарио каде што ќе се демонстрира моќ.“
Наведувајќи дека блискоисточниот квартет (Русија, САД, Европската Унија, ОН) прават многу енергични напори, Песков рече дека многу земји „се во контакт и со Израелците и со Палестинците со цел да ги запрат нивните меѓусебни напади“.
Во нападите на Израел врз Појасот Газа од 10 мај, 200 лица, од кои 59 деца и 35 жени, го загубија животот. Повредени се 1.305 лица. Исто така десетици згради беа целосно уништени или оштетени до неупотребливост.