Handan Kazancı
15 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Ирскиот министер за надворешни работи денес ги осуди израелските напади во кои настрадаа десетици деца само во последните пет дена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„32 деца се убиени од понеделникот во Газа во израелските напади - тоа е приближно 1/4 од сите жртви - тоа не е прифатливо!“, напиша Сајмон Ковенеј на Твитер, ставајќи линк на вестите на ирската РТЕ, под наслов Десетчлено семејство убиено при израелски напад во Газа, американските претставници пристигнуваат на разговори.
„Израел има меѓународна законска обврска за заштита на децата во конфликт и не го прави тоа! Ирска утре повторно ќе зборува во СБОН“, додаде тој.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) - во кој е и Ирска, која во моментов има двегодишно непостојано место до декември 2022 година - ќе се состане утре за да разговара за ситуацијата во Израел и Појасот Газа.
Најмалку 10 палестински цивили, од кои осум деца, се убиени рано утрово кога израелските воени авиони бомбардираа и уништија станбена куќа во бегалскиот камп „Ал-Шати“ во западниот дел на градот Газа.
Од минатиот понеделник, кога Израел започна со нападите врз Газа, загинаа вкупно 139 лица, од кои 39 деца и 22 жени, а уште 950 лица се повредени.
На воздушните напади врз Газа им претходеа неколкудневни тензии и израелски напади во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим), каде што стотици Палестинци беа нападнати од израелските сили и доселениците во џамијата „Ал Акса“ и населбата Шеик Џарах.
Тензиите се проширија од Источен Кудс во Газа откако палестинските групи на отпорот ветија дека ќе се одмаздат за израелските напади доколку тие не запрат.
Израел го окупираше Источен Кудс (Ерусалим), каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектираше целиот град во 1980 година, чекор што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.