Halime Afra Aksoy
18 Мај 2021•Ажурирај: 18 Мај 2021
ГАЗА (АА) - Во израелските напади во Газа денес е оштетена зградата на Министерството за здравство, соопштија палестински официјални претставници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Здравствениот центар Ал-Римал и административната зграда на Министерството беа цел на Израел. Тие се сериозно оштетени“, соопшти Министерството за здравство во Газа.
Во соопштението се вели дека повредени се и неколку службеници во зградата на Министерството во населбата Римал.
„Во израелскиот ракетен напад врз зградата „Гази ал Шава“ во населбата Римал загинаа две лица, меѓу кои и едно дете, и ранети се други 10, меѓу кои и претставници на Министерството за здравство“, соопшти владината Канцеларија за информации во Газа.
„Бројот на жртвите од тековните израелски напади врз блокираниот Појас Газа се искачи на 212“, соопшти вчера палестинското Министерство за здравство.
Меѓу жртвите се наоѓаат 61 дете, 35 жени и 16 постари лица, додека во нападите повредени се 1.400 лица.
Израелската Војска врши воздушни напади врз Појасот Газа од 10 мај, оставајќи зад себе огромно уништување на територијата која излегува на море.
Досега во ракетни напади на Палестинците од Појасот Газа кон Израел загинаа десет Израелци.
Неодамнешните тензии што започнаа во Источен Кудс (Ерусалим) за време на светиот муслимански месец Рамазан се проширија и во Газа како резултат на израелските напади врз верниците во џамијата „Ал-Акса“ и населбата Шеик Џарах.
Израел го окупираше Источен Кудс, каде што се наоѓа комплексот на џамијата „Ал-Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектираше целиот град во 1980 година, чекор што никогаш не го призна меѓународната заедница.