свет

Наместо гаранција за мировниот договор, Русија го поддржува Асадовиот режим при нападите

Русија, како земја гарант, го поддржа Дамаск во освојувањето нови територии. Русија честопати во напредувањето го поддржуваше од воздух својот сојузник.

Ekipa  | 21.08.2019 - Обновена : 22.08.2019
Наместо гаранција за мировниот договор, Русија го поддржува Асадовиот режим при нападите

АНКАРА (АА) - СЕЛЕН ТЕМИЗЕР/ЛЕВЕНТ ТОК -

Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, за кој Русија е земја гарант на договорите во Астана, ги зазеде сите регии, одвен Идлиб, за кои при мировниот процес во Астана е договорен прекин на огнот. Русија не само што не ги спречи нападите на режимот на Асад, туку многу пати ги поддржа нападите директно со свои воени авиони, пишува Anadolu Agency (AA).

Русија, најголемиот поддржувач на режимот на Асад од самиот почеток на граѓанската војна во Сирија, во декември 2016 година, по повиците од Турција, стана земја гарант за евакуација на цивилите од Алепо, кој се наоѓаше под опсада на режимот.

Соработката на администрациите на Анкара и Москва за евакуација на цивилите од Алепо, кој беше под блокада на режимот што траеше 4 месеци, ја започна идејата за ширење на партнерството меѓу двете земји низ цела Сирија.

Турските и руските власти во јануари 2017 година се сретнаа во Нурсултан, главниот град на Казахстан, и ги започнаа преговорите од форматот Астана.

За време на состанокот на 4 и 5 мај 2017 година, Турција и Русија, вклучувајќи го и Иран, ги прогласија за „деескалациона зона“ 4-те региони во Сирија, каде што се одвиваа најинтензивните конфликти.

Соодветно на тоа, во покраината Идлиб и во соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо), во некои региони на северот на покраината Хомс, Источна Гута, главниот град Дамаск и во некои делови од југот на Сирија (покраините Дера и Кунејтра) стапи во сила прекинот на огнот.

Според ова, со потпишаните договори од страна на Русија, започна и неговиот испит.

- Русија пружи воздушна поддршка за напредокот на својот сојузник -

Русија, како земја гарант, го поддржа Дамаск во освојувањето нови територии. Русија честопати во напредувањето го поддржуваше од воздух својот сојузник.

Како резултат на блокадите и интензивните напади на двата сојузника, режимот ги презеде под контрола прво Хомс, во мај 2017 година, потоа Источна Гута, и во јуни 2018 година деескалационата зона, која се наоѓа на југот од земјата.

Цивилите од тие 3 региони се засолнија во деескалационата зона во Идлиб и населението во регионот достигна до 4 милиони.

Режимот овој пат почна да се фокусира на север, па затоа Турција презеде чекори за да се избегне нов масакр и имиграциона катастрофа во Идлиб.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега, Владимир Путин, на 17 септември 2018 година се состанаа во Сочи, Русија, со цел постигнување дополнителен договор за зајакнување на прекинот на огнот во Идлиб.

Русија, и покрај тоа што го потпиша текстот, продолжи да го поддржува својот сојузник.

Според статистиката на сириската Агенција за интервенции, која го следи миграцискиот процес во регионот, од договорот постигнат за Идлиб до денес 945.992 цивили се раселени поради нападите на режимот и нивните приврзаници.

Турција во текот на овој период продолжува да ја потсетува Русија на одговорноста како земја гарант.

Министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во вчерашната изјава рече дека се во контакт со руските соговорници за воспоставување генерален прекин на огнот во Идлиб.

Рускиот претседател Путин, претходниот ден, оценувајќи ги случувањата во Идлиб, рече: „Русија ја поддржува Сириската армија во борбата против терористите во Идлиб.“

- Сеопфатна и отворена поддршка од копно -

Русија, и покрај тоа што од време на време обезбедуваше копнена поддршка за режимот во другите региони, за прв пат на сеопфатен и отворен начин се вклучи во копнената војна во деескалационата зона во Идлиб.

Според информациите на дописникот на АА, во судирите во областа Хама вклучени се околу 65 руски борци. Повеќе од половина од нив се специјални војници со договор, кои работат за приватните воени компании „Вега“ и „Вагнер“. Овие сили соработуваат со Руските специјални сили (Spetnaz) и Воената разузнавачка единица (GRU). Овие сили активно се вклучени во копнените судири во Кефренбуде, Хабит и ридот Мелах.

Исто така, се споделуваат фотографии на руските единици направени на фронтот Кебине во подрачјето на Латакија. Припадниците на руските специјалци се распоредени и меѓу Туркменските Планини, Курдската Планина, Кешеб и Селма. Познато е дека во овој регион има околу 170 руски специјални сили и вработени во воени компании.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, вчера изјави дека во деескалационата зона во Идлиб има руски воени единици и дека тие соработуваат со Сириската армија.

Наџи Мустафа, портпарол на Националниот ослободителен фронт, компонента на Слободната сириска војска, во изјавата за дописникот на АА на 19 јули истакна: „Овој пат многу различно и сеопфатно гледаме дека (во неодамнешните судири северно од Хама) пешадиските единици на Русија на предните фронтови работат заедно со режимските сили.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın